
Регионалната алијанса за превенција на ракот на грлото на матката во Источна Европа и Централна Азија денеска го започна својот 5-ти годишен форум во Скопје.
Тридневниот настан, во организација на УНФПА, Агенцијата на Обединетите нации за сексуално и репродуктивно здравје, во соработка со Министерството за здравство на Северна Македонија, обединува повеќе од 100 претставници од целиот регион, вклучувајќи претставници од влади, институции за јавно здравје, академската заедница, граѓанскиот и приватниот сектор.
„Во ова време на дигитализација и вештачка интелигенција, медицината и технологијата ни нудат нови решенија за искоренување на ракот на грлото на матката и мора да го искористиме нивниот целосен потенцијал за да го зачуваме и подобриме здравјето на жените и младите преку вакцинација, добро организиран скрининг и навремено лекување“, изјави Џенет Велиу, претставничка на Министерството за здравство, притоа изразувајќи уверување дека овој Форум ќе придонесе за зајакнување на соработката и партнерствата меѓу сите релевантни чинители во регионот со цел ставањето крај на ракот на грлото на матката да се претвори во реалност.
Флоренс Бауер, регионална директорка на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија, порача дека постои една моќна визија, а тоа е елиминација на ракот на грлото на матката како закана за јавното здравје во нашиот регион.
„Во време кога докажаните медицински интервенции сѐ повеќе се доведуваат во прашање, поважно од кога било е да се обединиме, да ја зацврстиме довербата во здравствените институции и да ги забрзаме акциите. Искоренувањето на ракот на грлото на матката е на дофат, но мора да го подобриме пристапот до вакцинација, да го прошириме исплатливиот скрининг и да обезбедиме навремено лекување, за да ниту една жена не умре непотребно“, рече Бауер.
Ракот на грлото на матката е втор најсмртоносен рак кај жените на репродуктивна возраст во Источна Европа и Централна Азија. Повеќе од 90 отсто од случаите се превентивни преку добро организиран скрининг на грлото на матката, третман на предканцерозни состојби и програми за вакцинација против ХПВ, вирусот што ги предизвикува повеќето видови на рак на грлото на матката. Сепак, 32.000 жени сѐ уште се дијагностицираат со рак на грлото на матката во регионот секоја година, а 16.000 умираат. Ракот на грлото на матката носи висока емоционална, социјална и финансиска цена за жените, нивните семејства и националните здравствени системи. Во Северна Македонија, една жена умира од рак на грлото на матката секоја недела, а кај три жени е дијагностицирана болеста.
Регионалната алијанса усвои „Повик за акција“ во 2023 година, што вклучува:
Приоритизирање на превенцијата: Зголемување на програмите за вакцинација против ХПВ и обезбедување универзален пристап до ефективен скрининг;
Градење национални капацитети: Зајакнување на институционалните способности и развивање на локална експертиза во напорите за превенција;
Зголемување на пристапот и достапноста: Поттикнување на партнерства со приватниот сектор за намалување на трошоците и бариерите за пристап до технологии и производи што спасуваат животи.