Автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, според најавите на синдикатите, денеска нема да сообраќаат поради неисплата на јануарската плата. Синдикатите најавуваат дека нема да има градски превоз се додека не се исполни нивното барање.
Претседателот на Синдикатот на ЈСП Миќо Стојановски вчера во изјава за медиумите рече дека нема да возат автобусите и нема да работат контролорите и билетарниците.
– Сите јавни претпријатија ја поделија јануарската плата, вработените во Град Скопје и Советот на Град Скопје ја поделија платата, а за ЈСП нема плата.
Нема плата, нема возење, изјавија претседателите на Синдикатот на ЈСП и на независниот синдикат на возачи Миќо Стојановски и Африм Муча.
Од ЈСП преку соопштение информираа дека платите се на одобрување со доставени пресметки со дополнителни работни часови, ноќна и прекувремена работа.
– Платата на вработените во ЈСП не доцни. Платите се исплаќаат редовно во тековниот месец за разлика од платите кои во Македонски Пошти доцнат шест месеци, платите во МЗТ доцнат три месеци, потешкотии со исплата на плати има и во скопските општини. Платите во ЈСП Скопје се на одобрување со доставени пресметки од овој месец со дополнителни работни часови, ноќна и прекувремена работа. Веруваме дека повторно постои политичка тенденција да се создаде вештачка криза таму каде што не постои, наведе ЈСП.
На 22 јануари, Советот на Град Скопје донесе одлука да се одобрат субвенции за ЈСП во висина од 11 милиони евра откако вработените во ЈСП прекинаа со работа и немаше градски превоз во главниот град.