Утрински Весник
Македонија

Скијачки центар Михајлово се отвора в среда, најавен и превоз од Кавадарци 

3 24.jpg

Скијачки центар Михајлово се отвора в среда, најавен е и превоз од Кавадарци, од страна на  јавното претпријатие „Градски превоз”, по официјален возен ред што ќе биде објавен деновиве. 

Градоначалникот Митко Јанчев вели дека од оваа зимска сезона, овде ќе може да се ужива во зимските спортови, покрај во убавините на природата на Кожуф планина.


За Центарот, како што беше уште претходно кажано, теренските работи се донација од општествено одговорната фирма „ЈА МИ“ – Кавадарци, инвестицијата е донација од „Комерцијална банка“ и од „Кожувчанка“ ДОО. Центарот опфаќа ски стаза, ски лифт и потребните елементи за сите возрасти.

Јанчев додава дека е ова уште еден голем проект и инвестиција што го продолжува и така брзиот развој на општината, ветен во предизборната програма, сега, како што нагласува, овој проект е реалност.

Уште претходно беше најавено дека сите наставници по физичко и здравствено образование ќе бидат вклучени во активностите, да ги доближат вештините на скијање до учениците.

– Кожуф планина е благодет за општината и државата. Тука е детското одморалиште Михајлово, ова важи за воздушна бања. Кон активности на терен пристапивме откако претходно ги добивме сите дозволи од надлежните институции. Кожуф како планина, во овој дел држи доста снег, речиси преку целата зима има снежна покривка. Сезоната може да се продолжува и со вештачки снег, појаснува Јанчев.

Градоначалникот додава дека патеката што зиме ќе се користи за скијање, во лето ќе може да служи за спуштање со велосипеди и други спортски и рекреативни активности. Патеката е осветлена. Донациите што ќе пристигнуваат за Центарот, ќе одат преку спортскиот центар ,,Јасмин”, што  стопанисува со скијачкиот комплекс, скијачката патека.

Јанчев додава дека местото што е оддалечено околу 35 километри од Кавадарци, има потенцијал и за понатамошен туристички развој со ресторанско и хотелско работење, индивидуални сместувачки капацитети.

Претседателот на Совет на Општина Кавадарци, Стојанче Рамов вели дека е ова значаен капитален проект, што, покрај другите, ја вбројува општината во редот на најуспешните во државата. Тој подвлекува дека овде ќе се учи и вежба скијањето, а во затворениот пливачки базен што се гради во градот, ќе се учи и надградува пливањето како вештина.

Деновиве во Михајлово имаше интензивни врнежи од снег. Се очекува Центарот да биде омилена дестинација за туристи.

Можете да прочитате

Приведен син на поранешен функционер поради оддавање службена тајна

Одземен пасошот на градоначалникот на Струга поради нови обвиненија

Изчезнат е Борис Кржовски од Берово – пријавете доколку го видите