
Иницијативата „Кој е следен?“ најави нов протест кој ќе се одржи во четврток во 18 часот на булеварот пред Владата со мотото „Системот заборава, ние не!“.
„Системот заборава – но, ние не забораваме. Ние ја паметиме секоја колективна траума што политичарите ја користат за поделби. Секоја лага што ја шират за да нè исплашат, секоја неправда со која сакаат да нè замолчат“ велат од иницијативата во повикот за протестот.
Додаваат дека тоа што иницијативата е напаѓана значи дека е слушната и е потврда дека ја зборуваат вистината, а од вистината се вознемирени само оние што профитираат од секојдневното страдање.
„Два месеци бараме промени, но ништо не се менува! По четири протести, несреќите се зголемија. По три форуми, неправдата порасна. По одржаното Народно Собрание, пратениците станаа уште потивки“ велат од „Кој е следен?“.
„Затоа, ако си работник што гине на работно место без основни работни услови, мајка што не спие додека детето не се врати дома, младо лице што заминува затоа што нема за што да остане, студент што плаќа за „бесплатно“ образование, доктор што работи со скршена опрема, учител кој е оставен сам на себе, пензионер што одвај преживува, ако си граѓанин на кој системот му го одземал достоинството – ова е твојот повик“ велат од „Кој е следен?“.
Како што велат тие време е за будење и менување на системот, бидејќи системот што требаше да нè заштити, нѐ остава да умираме.
„Пратениците кои треба да нѐ претставуваат, нѐ оставија да се претставуваме сами, судиите кои треба да донесат правда, ја одложуваат додека таа не стане бесмислена“ истакнуваат од „Кој е следен?“.
Тие повикуваат дека ова не е марш на „Кој е следен?“ туку е повик за здружување против заедничкиот непријател, системот кој сака да заборавиме.
„Но, ние не забораваме. Ние паметиме. И затоа, не заминуваме. Не се повлекуваме. Излегуваме на улица. Повторно. Погласно. Појасно“ велат од „Кој е следен?“.