
Системот „Сејф сити“ и поставените камери ќе започнат со работа од 1 јануари следната година. Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе има доволно време да ги евидентира сите новорегистрирани возила и да ги усогласи податоците со останатите институции, со цел прецизно утврдување на начинот на казнување. Возачите кои ќе направат прекршок ќе добиваат СМС порака или е-пошта со фотографија од прекршокот во рок од 24 часа.
Министерот Тошковски изјави дека полицијата веќе ги тестира поставените камери низ Скопје. Најчестите прекршоци се пречекорување на дозволената брзина и поминување на црвено светло.
Полицијата продолжува со рекордно изрекување на казни, иако возачите сè уште не ги почитуваат сообраќајните правила. Само вчера се изречени 796 прекршочни казни, од кои 146 за пречекорување на брзината, 50 возачи биле фатени без возачка дозвола, а осум биле под дејство на алкохол. Според министерот, засиленото полициско присуство доведе до намалување на бројот на сообраќајни несреќи.
Јавна дебата за новите законски измени
На 21-ви овој месец ќе се одржи јавна дебата за измените во законската регулатива со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот. На дебатата ќе учествуваат експерти, професори, судии и претставници од МВР. Според Тошковски, по сублимирањето на заклучоците, измените ќе бидат доставени до Собранието за гласање во најкус можен рок.