Жалам што синдикалната борба и борбата за работнички права поради лични интереси на некои поединци се сведе на лична пресметка со мене, но морам да одговорам на обвинувањата кои претставниците на ССМ ги упатија кон мене, изјави на прес-конференција в.д. директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Марјанчо Митовски, одговарајќи на синдикалните обвинувања упатени до него.
Тој кажа дека до овој момент против него како директор на ЈП Водовод нема пристигнато ниту една пријава за мобинг, а што се однесува до наводните пресметки, распоредувања и откази потенцираше дека до овој момент ниту еден редовно вработен во ЈП Водовод и канализација не е избркан од работа.
„Точно е дека има хоризонтални поместувања кои не се со решенија односно не се трајни, туку се времени задолженија поради реални потреби на претпријатието. Ниту се скратени платите на овие 10тина времено прераспределени, ниту се намалени бодови за плата, ниту пак се деградирани на било каков начин. Она што е точно е дека од нив се бара единствено да работат и да си ги извршуваат своите работни задачи за кои се платени. Она што исто така сакам да го прокоментирам, а за кое проструи информација во јавност е дека е точна информацијата дека на госпоѓата Лила Димовска и се скратени привилегиите како платено отсуство додека не е на работа 6 месеци, за кое не постои ниту еден друг таков пример во ова претпријатие“, рече Митовски.
Во врска со обвинувањата за бркање на десетици лица од „Водовод“, тој рече дека неговиот претходник ги ангажирал преку агенцијата за времени вработувања на кои по завршување на потребата за нивен ангажман истиот не бил продолжен бидејќи претпријатието нема потреба од нивните услуги.
Негираше дека се водат дисциплински постапки против 40 лица.
„Постојат неколку дисциплински поради тешки повреди на работното место кои биле констатирани од внатрешната ревизија за кои следи постапка по службена должност. Ниту јас ниту било кој од ова претпријатие не превземал мерки против вработените на нивна штета. Јас во ова претпријатие работам 12 години и јас сум дел од овој колектив, и исто како и моите колеги носиме исти одговорности и исти права“, додаде Митовски.
Ги охрабри синдикалците максимално да го искористат своето право на штрајк да се борат за работничките права сега кога за тоа имаат можност.
„Кога бев јас жртва на мобинг, кога моите права беа прекршени, ниту овој ниту било кој друг синдикат немаа можност да застанат на одбрана на моите работнички права ниту на моите колеги, бидејќи беа заплашувани, уценувани и замолчувани. Сакам да обрзнам внимание на уште една информација која претставниците на ССМ сметаа дека е важна да ја објават. Лекарскиот записник кој денес Дарко Димовски сметаше дека е неопходно да го објави е доказ во судска постапка во која јас тужев за мобинг врз мене. Сакам да го информирам господинот Дарко Димовски дека со објава на докази дадени во судска постапка кои не се анонимизирани односно кои содржат лични податоци на инволвираните страни, Димовски изврши кривично дело по член 149 злоупотреба на лични податоци од Кривичниот законик на Република Македонија“, рече Митовски.
Претходно, Синдикалната организација на „Водовод и канализација“ и Синдикатот на угостителство, туризам и комунални дејности (СУТКОЗ) денеска побараа од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска да го разреши в.д. директорот на претпријатието Марјан Митовски поради, како што велат, незаконско работење.
Од синдикатот беше презентиран и документ од специјалист дека в.д. директорот има „мешано анксиозно и депресивно растројство“.
„Градоначалникот именува директори на јавните претпријатија и градоначалникот разрешува директори на јавни претпријатија и согласно тоа ја сноси целокупната одговорност за нивните постапки и активности, како и ја сноси одговорноста за нивниот избор и назначување“, истакнаа од синдикатот.
Синдикатот донесе одлука за користење на правото на штрајк која се очекува утре да биде потврдена на највисокиот орган на Синдикатот СУТКОЗ по што ќе биде известено Министерството за труд и социјална политика веднаш да определи помирувач.