Синот на познатиот шпански актер Родолфо Санчо Агире е обвинет за убиство и распарчување на маж во Тајланд. 29-годишниот Даниел Санчо Брончало вчера пред тајландскиот суд се изјасни за виновен за убиството на Едвин Ариете Артеага (44). Минатата недела полицијата пронашла делови од телото на жртвата во депонија на Кох Фанган. Санчо изјави за шпанската новинска агенција ЕФЕ дека Ариете го прогонувал и дека бил опседнат со него.
Минатиот четврток, набргу по откривањето на делови од човечки останки, Санчо отишол во полициската станица Кох Фанган и го пријавил Ариете за исчезнат. ДНК анализата утврди дека посмртните останки му припаѓаат на Едвин Ариете. Кога полицијата во петокот повторно го испрашувала Санчо, тој го признал убиството, пишува Би-би-си.
Потоа, во неделата, тој ја одвел полицијата на седум различни места каде што ги фрлил распарчените делови од телото на жртвата. Остатоците ги ставил во пластични кеси. Санчо моментално е во затвор на островот Кох Самуи. Потекнува од позната шпанска актерска династија. Неговата мајка е актерката Силвија Брончало, додека дедо му е починатиот актер Феликс Ангел Санчо Грација.