
Метео анализа на Славчо Попоски:
Под влијание на атмосферски фронт со поладен воздух на висина и тоа од северозапад преку алпскиот регион, во нашата Република Македонија во текот на претстојната ноќ, како и утре (понеделник 4 август) ќе се формираат фронтални и големи влажни бранови и грмотевични конвективни облаци од кои во поголем дел од нашата Македонија очекувам врнежи од дожд, грмежи и со засилен ветер. Локално врнежите ќе бидат обилни и поројни и ќе наврнат над 20/25 литри дожд на метар квадратен.
Атмосферските процеси на повеќе места ќе бидат поинтензивни и во форма на невреме, проследено со обилен пороен дожд за кратко време, силен ветер, силни електрични празнења и со појава на град. Токму поради ова апелирам граѓаните во случај на појава на електрични празнења да обратат поголема внимателност, односно да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја. Исто така, во случај на силен ветер граѓаните да ги заштитат своите автомобили, односно да не ги ставаат во близина на дрвјата, особено оние дрвја кои се стари и осамени.
И во Скопје и околината во погоре споменатиот период времето ќе биде променливо и нестабилно со повремен пороен дожд, грмежи и со засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме со обилен пороен дожд, силен ветер, силни електрични празнења и со појава на град.
Температурите пак утре (понеделник 4 август) ќе се искачуваат во интервалот од 23 до 33 степени. Во Скопскиот регион максималната температура утре (понеделник 4 август) ќе се искачи до околу 28 степени.
На повеќе места нестабилно со врнежи од дожд, појава на грмежи, засилен ветер и со услови за локално невреме ќе биде и во вторник (5 јули).