Утрински Весник
Свет

Силна зимска бура во САД

Aerodrom Sneg.png

Силна зимска бура го зафати североистокот на Соединети Американски Држави, при што за околу 59 милиони луѓе е издадено метеоролошко предупредување. Во Њујорк е воведена забрана за патување, а низ регионот се регистрирани бројни прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Вонредна состојба е прогласена во сојузните држави Масачусетс, Конектикат, Делавер, Њу Џерси и Род Ајленд, објави BBC News.


Метеоролозите најавуваат дека поголемиот дел од североисточниот дел на САД, како и канадските приморски провинции, ќе бидат погодени од невремето до понеделник. Станува збор за најсилниот циклонален систем – познат како „нористер“ – во речиси десет години, кој носи обилен снег, силни ветрови и крајбрежни поплави.

Предупредување за снежна бура е издадено за околу 40 милиони луѓе, додека дополнителни 19 милиони се под општо предупредување за зимска бура, кое се протега од централните Апалачи до брегот на Мејн.

Според Националната метеоролошка служба, можно е да наврнат од пет до седум сантиметри снег на час, а вкупната снежна покривка да достигне меѓу 30 и 60 сантиметри, што ќе го направи патувањето „речиси невозможно“ и исклучително опасно.

За првпат по девет години, најголемиот американски град, Њујорк, се најде под предупредување за снежна бура. Се очекуваат од 45 до 60 сантиметри снег во поширокото градско подрачје, а температурите да се спуштат до околу -6 степени Целзиусови.

Градоначалникот Зохран Мамдани прогласи вонредна состојба и воведе целосна забрана за патување од недела во 21 часот до понеделник напладне по локално време. Училиштата ќе бидат затворени, а улиците, автопатите и мостовите ќе бидат достапни само за итни служби.

Гувернерката на државата Њујорк, Кети Хокул, исто така прогласи вонредна состојба и активираше припадници на Националната гарда. Таа предупреди дека силните налети на ветер – до 112 километри на час – може да предизвикаат уривање дрвја и дополнителни прекини на струја.

Поради бурата се откажани околу 3.900 летови низ САД, а повеќе од 20.000 домаќинства во Њу Џерси останаа без електрична енергија.

Можете да прочитате

Денеска состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ, главна тема Орбан

Зеленски: Путин веќе ја почна Третата светска војна

Принцот Ендрју плаќал масажи со буџетски пари