
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, ја повика Европската унија „веднаш“ да ја укине забраната за увоз на руска нафта и гас, тврдејќи дека Европа се соочува со нов голем удар врз цените на енергијата поради ескалацијата на војната на Блискиот Исток и затворањето на Ормутскиот теснец.
Во објава на Х Сијарто вели дека „голем дел од глобалното снабдување со енергија“ сега е загрозен, а дека Европа, според неговото толкување, е особено изложена затоа што ЕУ веќе го забрани увозот на руска енергија. Сега, тврди тој, глобалното снабдување е дополнително намалено поради конфликтот на Блискиот Исток, а кога снабдувањето е намалено, цените растат, па на Европа ѝ се заканува „драматично зголемување на цените“.
Унгарскиот министер директно го предупредува Брисел дека ако ги задржи санкциите, тоа „сериозно ќе им наштети на европските луѓе и на европската економија“. Тој заклучува дека европската политика мора да се води од заштита на интересите на граѓаните, а не од „идеологијата“.

