
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на годинашниот самит „Конкордија”, којшто секоја година се одржува паралелно со Генералното собрание на ОН.
Сиљановска-Давкова во обраќањето рече дека она што се ОН за светот, ЕУ е за Европа, мултилатерален проект со една врвна цел: мир на континентот и нагласи дека тоа се постигнува преку проширувањето врз основа на Kопенхагенските критериуми: демократија, владеење на правото, човекови права и слободи, и пазарна економија. Додаде дека Европската Унија не може да го брани мултилатерализмот во светот ако го изневерува на својот континент. Според неа, проширувањето не е техничко прашање, туку тест за тоа дали ЕУ ќе го одбере патот на concordia или discordia, дали ќе биде Унија на правила и стандарди, или Унија на двојни стандарди и контрадикции.
Претседателката посочи дека ние можеме да направиме сè што е потребно во економијата, реформите, но сепак, нашите преговори зависат од нашите соседи и констатираше дека за разлика од Скандинавија која ги поддржа балтичките земји за ЕУ, нашите соседи често користат вето при приемот на нови членки. Порача дека е крајно време да се направат промени во ЕУ за начинот на одлучување, што неодамна го потенцираше и претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен.
Темите на Самитот ja опфаќаат глобалната економија и трговија; демократијата, безбедноста и геополитичкиот ризик; енергијата и транзицијата; здравствените можности и предизвици; човековите права и социјалниот напредок, како и иновативната технологија. Овој настан претставува еден од најзначајните форуми кадешто се собираат лидери од различни сектори: државници, бизнис елити, претставници на граѓанското општество и иноватори.