
На Светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот се потсетуваме дека зад секоја дијагноза стојат индивидуи со уникатни способности и семејства кои секојдневно вложуваат љубов, труд и посветеност во нивниот развој, истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод 2 април – Светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот.
Претседателката посочува дека аутизмот е комплексен и хетероген спектар на искуства што ја проширува нашата перцепција за човечката различност.
-За мене, бројни поединци кои се поврзуваат со овој спектар се инспиративен пример дека различноста може да биде извор на исклучителен интелектуален придонес. Лицата од аутистичниот спектар нè учат на искреност, трпение и на различни модалитети на изразување и интеракција. Поддршката за нив не смее да биде симболична, туку мора да се артикулира како системска и континуирана обврска, преку обезбедување достапни услуги, стручна поддршка и инклузивни политики што овозможуваат нивно учество и развој, напиша во објава на Фејсбук претседателката Сиљановска-Давкова.
Инклузијата, како што посочува таа, не е апстрактен идеал, туку мерка за зрелоста на едно општество.
– Таа се гради преку разбирање, одговорност и активна посветеност на создавање средина во којашто различноста не се маргинализира, туку се препознава и вреднува, вели Сиљановска-Давкова.


