
Денеска, на иницијатива на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во Кабинетот се одржа дебата на тема:„Климатски промени – ризици и предизвици”, модерирана од проф. д-р Владо Спиридонов, во својство на член на Советот за безбедност.
Во воведното обраќање, претседателката предупреди дека климатските промени ги засилуваат постојните економски, социјални и безбедносни ризици.
Според неа, време е за премин од реактивно кон превентивно дејствување, преку рано предупредување, координција, соработка меѓу институциите и интегрирани политики.
За неа, енергетската транзиција и намалувањето на зависноста од фосилни горива се клучни, но тие мора да се спроведуваат на начин што нема да ја наруши стабилноста и одржливиот развој.
Покрај претседателката, поздрави обраќања имаа и дoц. д-р Теодора Обрадовиќ-Грнчаровска – МЖСПП, национална координаторка за климатски промени и контакт лице со UNFCCC и проф. д-р Владо Спиридонов, модератор на тематската седница и член на Советот за безбедност.
д-р Теодора Обрадовиќ-Грнчаровска во своето воведно обраќање насловено како „Институционален статус, тековни активности и Законот за климатска акција”, се осврна на националната легислатива, европското законодавство и реформите од Планот за раст, врзани за климатските промени.
Проф. д-р Владо Спиридонов ги презентираше климатските сценарија 2026-2100 и алгоритмите за предвидување на природните непогоди.
Дебатата се одвиваше во три сесии.
Во првата сесија, насловена „Институционална рамка и законска регулатива за климатски промени, квалитет на воздух и здравствени последици” говореа: проф. д-р Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев”, Анета Стефановска, раководителка на одделение за мониторинг на квалитет на воздух во МЖСПП, прим. д-р Оливер Зафировски, директор на Клиниката за пулмологија и алергологија, проф. д-р Маргарита Гиновска од ФЕИТ и д-р Наташа Марковска, научен советник во ИЦЕОР-МАНУ и контакт лице со IPCC.
Втората сесија се фокусираше на климатските ризици, отпорноста и иновативните мерки за адаптација. Во нејзини рамки дебатираа панелистите: проф. д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ – Скопје, проф. д-р Никола Николов, декан на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем”, Ана Чоловиќ-Лешоска, извршен директор на Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест, Goldman Environmental Prize Winner 2019, м-р Васко Поповски, независен експерт со меѓународно искуство во намалување на ризици од катастрофи, климатска адаптација и отпорност и Борис Секирарски, дипл. инж. метеоролог и иноватор.
На третата тематска сесија, под наслов „Интегрирано управување со води, квалитет на водите, георизици и адаптација на земјоделството” дискутираа: проф. д-р Иван Блинков од Шумарски факултет, проф. д-р Ордан Чукалиев од Факултет за земјоделски науки и храна, проф. д-р Соња Липиткова од Универзитетот „Гоце Делчев”– Штип, Факултет за прирoдни и технички науки и проф. д-р Катерина Дрогершка од Институтот за сеизмологија.
Во долгата, стручна и плодна дискусија, пропратена со бројни прашања и аргументирани одговори, беа предложени не само низа мерки за превентивно делување, туку и иновативни решенија за адаптација.
Низ темелна опсервација, пропратена со релевантни податоци, компаративни анализи, докази, предвидувања, присутните добија јасна слика за: управувањето со квалитетот на воздухот, влијанието на аерозагадувањето врз здравјето, актуелните истражувања, иновациите и образованието во климатските системи, моделите за управување со климатските екстреми, спречувањето во борбата со пожарите, заштитата на водните ресурси и екосистеми, улогата на геологијата во служба на климатската адаптација, како и влијанието на климатските промени врз сеизмичките ризици.
Конференцијата заврши со предлог заклучоци и препораки, коишто ќе бидат доставени до Советот за безбедност, релевантните институции и јавноста.

