Утрински Весник
Македонија

Сиљановска Давкова: Идентитетот не може да се препознае низ ајварот, виното и пунџурот, верувам дека изјавата на Кос е несреќна и случајна

Davkova.webp.webp

Не сакам да верувам дека навистина идентитетот може да се препознае низ ајварот, виното, пунџурот и слично, верувам дека изјавата на еврокомесарката Марта Кос е случајна или несреќна, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Таа вели дека имала прилика да биде во Словенија и дека идентитет не е ајвар, пинџур и слично, што се гледа и од основачките документи на Европската Унија во кои има јасни параметри и се знае што е.


– Како некој кој докторирал во Словенија и ја чувствува како втора татковина, верувам дека е случајна или несреќна изјавата, не сакам да верувам дека навистина идентитетот може да се препознае низ ајварот, виното, пунџурот и слично, а некои од нив веќе се преземени од Словенија, ние веќе немаме ајвар, за жал имаме ајвер, што значи како интересна категорија е идентитетот, изјави Сиљановска Давкова, во интервју за Канал 5, прашана како гледа на изјавата на Кос, дадена во Скопје.

Сиљановска Давкова посочи дека Франце Прешерн пишувал љубовна поезија на германски јазик, но никому не му паѓа на памет да рече дека не е Словенец и дека тој е не е дел од словенечкиот идентитет.

– Ама ако во нашата татковина има луѓе на највисоки функции, премиери, претседатели кои така кооперативно изјавуваат дека Гоце Делчев бил Бугарин или дека имаме ист јазик, дека сме еден народ, тогаш ќе слушаме и вакви приказни, изјави Сиљановска Давкова.

Дека идентитет на е ајвар, пинџур и слично, според неа, се гледа од основачките и уставните документи на ЕУ, кои, како што вели, еврокомесарите мора да ги знаат.

– Во нив има јасни примери што е идентитет. Во Повелбата за фундаменталните права јасно пишува дека ЕУ ќе го почитува националниот и културниот идентитет на сите нации, дигнитетот и интегритетот. За нив нема разговор, ги прифаќате такви како што се, како единство во различностите, рече претседателката.

Според неа, известувачот во ЕП за Македонија австрискиот европратеник Томас Вајц не случајно ги избрал овие квалификативи за македонскиот јазик и идентитет.

– Слушаме дека тоа е веќе одамна решено и зошто би се повторувало. Но, зошто тогаш би го напишал, заради притисокот од нас, стравот или љубовта кон нас? Не, тоа е заради уставните документи и почитувањето на еднаквоста, смета Сиљановска Давкова.

За забелешките од опозицијата дека ние сме барале да биде вметнато за јазикот „многувековен“, таа вели дека не е точно, тоа било само алузија на тоа дека ако има нешто современо, модерно, има и многувековно.

– Јасно е дека јазиците па и нашиот се развивале со стотици години. Ако било се решено зошто Бундестагот донесе декларација за македонскиот јазик и идентитет и зошто известувачот требаше тоа да го потенцира. Затоа што е јасно дека се негира. Велат дека и договорот со Бугарија е потпишан со македонски и бугарски јазик, но тоа е како официјалниот јазик според уставите на двете земји, изјави Сиљановска Давкова.

За поднесените амандмани за извештајот во ЕП, таа истакна дека тоа го покажува расположението кај голема категорија европратеници и во тоа нема ништо европско и демократско.

Прашана каков ќе биде епилогот околу усвојувањето на извештајот, таа вели „се е можно да се случи“, но нагласува дека случувањата покажуваат дека прашањето не е решено како што некој тврди.

Во врска со барањето од Софија за признавање бугарско малцинство во земјава, таа потсети дека тоа прашање првпат се појавило во 2022 година од бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, а претходно воопшто не се спомнувало.

– Во 2008 година, Венецијанската комисија и препорача на Бугарија да го смени Уставот и да внесе гаранции за малцинските права. Во 2010 и комесарот за малцинства истото и ги препорача на Бугарија да го смени Уставот. Зборуваме за двојни стандарди, принципи и вредности на кои се темели ЕУ. Ако самата ги негира, тогаш тоа е сериозен демократски дефицит, изјави Сиљановска Давкова.

Претседателката укажа дека и од нејзините дипломатски средби забележува дека странските политичари за многу прашања не се информирани.

– Се разбира не е до нив, до нас е. Ова не важи само за кралските семејства, туку и за многу политичари со кои сум се сретнала. Треба да ги кажуваме нештата водени од националниот интерес, да не го кажуваме она што сакаат да го чујат, туку она што е, нагласи Сиљановска Давкова.

Можете да прочитате

Мицкоски: Македонија нема алтернатива освен да одиме напред

Бројот на поплаки од семејствата на повредените во Кочани е значително намален, огромен дел од здравствената заштита на повредените е покриена од страна на државата,вели Клековски

Активисти: Феликс бил убиен зошто мавтал со опашката