Утрински Весник
Македонија

Сиљановска-Давкова ги прими виолинистот Џек Либек и пијанистката Катја Апекишева

Foto 4.jpeg

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими британските уметници, виолинистот Џек Либек и пијанистката Катја Апекишева, коишто вечерва ќе настапат на британската вечер, во рамки на 65. издание на Охридско Лето. На средбата во вила Билјана во Охрид присуствуваа и директорот на фестивалот Ѓорѓи Цуцковски, како и Клер Сирс, директорка на Британскиот Совет.

Истакнувајќи дека имаат чест прв пат да го посетат Охрид, уметниците ја информираа претседателката за нивното музичко образование, досегашните впечатоци од настапите ширум светот, како и за музичките проекти коишто им претстојат.


Катја Апекишева како солист дебитирала на 12 годишна возраст. Денес, редовно настапува на фестивали за камерна музика ширум светот.

Џек Либек е професор по виолина на кралската академија за музика во Лондон и уметнички директор на Австралискиот фестивал за камерна музика.

Сиљановска-Давкова го повтори своето убедување дека културната дипломатија секогаш гради мостови меѓу државите, нациите и граѓаните, а музиката е најмоќниот и најрепрезентативен амбасадор на една земја.

Соговорниците разговараа и за реализацијата на досегашната програма на Охридско лето, која, како што истакна директорот Цуцковски, наиде на извонреден прием кај публиката.    

На средбата стана збор и за соработката меѓу земјава и Велика Британија, за која сите се согласија дека се продлабочи во изминативе месеци, со потпишувањето на Договорот за стратешко партнерство.

Претседателката изрази надеж дека насловот на вечерашниот концерт „Романсата сѐ уште не е мртва” ќе испрати силна порака за крај на трагедиите со кои се соочуваме во ова време невреме на воени конфликти.

Можете да прочитате

352 лица ја минаа дводневната обука за пожарникари, утре ќе потпишат договори за работен ангажман

Принудно слетување на авион на „Wizz Air“ во Скопје по удар во јато птици

Германскиот државјанин кој веел знаме на Голема Албанија по „Илинденска“ доби условна казна и забрана за влез во државата од пет години