Утрински Весник
Македонија

Сиљановска Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Кралството Данска

Davkova Danska.jpg

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на Перниле Деилер Кардел, новоименуваната амбасадорка на Кралството Данска, со седиште во Белград.

На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката Сиљановска Давкова истакна дека од 1993 година двете земји во континуитет градат пријателски и партнерски односи кои се рефлектираат преку високо ниво на политички дијалог и меѓусебна соработка, при што посочи дека постои неискористен потенцијал и простор за дополнителен развој, посебно во економските и трговските односи.

Претседателката во своето обраќање потсети на инволвираноста на Данска во критичните моменти од македонската историја, почнувајќи од прогласувањето на независноста и придонесот на поранешниот дански министер за надворешни работи, Уфе Елеман Јенсен, па сè до ратификацијата на пристапниот протокол на нашата држава во НАТО, кога Данска беше меѓу првите земји членки што тоа го направија.

„Дозволете да изразам огромна благодарност за важната поддршка од Кралството Данска за нашите евроинтеграции. Очекувам нејзино продолжување со несмалено темпо и за време на вашето претседавање со Советот на Европската Унија во втората половина на 2025 година“, порача претседателката Сиљановска Давкова.

Амбасадорката Перниле Деилер Кардел рече дека и претставува огромна чест што ги предава акредитивните писма со кои е акредитирана за амбасадор на Кралството Данска и истакна дека со голем интерес ќе го следи нашиот пат кон членство во Европската Унија.

Претседателката Сиљановска Давкова на новоименуваната данска амбасадорка и посака успешно извршување на оваа ценета и одговорна функција и многу успех и добро здравје во извршувањето на амбасадорската мисија.

Можете да прочитате

Почнува кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“

Студено утро со температури и до минус 11 степени

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!