Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ги пречека победниците на 37. Охридски пливачки маратон, чиј покровител е претседателот на државата.
Во машка конкуренција прв до целта стигна бразилецот Матеус Еванжелиста за 5 часа, 45 минути и 5 секунди, а французинката Каролин Жуис е победничка во женска конкуренција, која патеката „Климе Савин” ја исплива за 5 часа 46 минути и 51 секунда.
Доделувајќи ги пехарите на годинашните победници на Охридскиот маратон, претседателката Сиљановска Давкова упати честитки до првопласираните пливачи и до сите останати натпреварувачи на маратонот, посакувајќи им добро здравје и уште многу натамошни спортски успеси.
Претходно, претседателката ја посети работилницата на средношколците од СОСУ „Св. Кирил и Методиј” од Охрид, која се одржува за времетраењето на Охридскиот пливачки маратон, на кејот на Охридското езеро.
Младите ја запознаа претседателката со нивните годинашни проектни активности со цел заштита на екосистемот и ендемските видови во Охридското Езеро и разменија мислење со неа за нивните креативни идеи и заложби во насока на преземање на итни мерки за заштита на животната средина и уникатниот екосистем на Охридското Езеро.
На годинашното издание на Охридскиот пливачки маратон учествуваа деветнаесет пливачи од девет држави, единаесет во машка и осум во женска конкуренција.