Утрински Весник
Македонија

Сиљановска-Давкова ги отповика тројцата амбасадори

583324297 1393828855452077 7733913723007505261 n.jpg

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова потпиша серија укази со кои се вршат значајни кадровски промени во дипломатско-конзуларните претставништва. Со новите одлуки, објавени во Службен весник, се отповикуваат амбасадорите во Италија, Австрија и Индија, додека амбасадорот во Бразил добива проширени надлежности, објави 4NEWS.mk.

Најновите укази до кои дојде 4NEWS.mk предвидуваат престанок на мандатите на тројца актуелни амбасадори во наредниот период, со прецизно утврдени датуми за нивно враќање во земјата.

Со Указ број 34, од должноста се отповикува Весел Мемеди, вонреден и ополномоштен амбасадор во Италијанската Република. Неговиот мандат, кој ги опфаќа и нерезидентните должности за Сан Марино и Малта, ќе престане заклучно со 31 јануари 2026 година.

Со Указ број 35, Освит Росоклија е отповикан од позицијата амбасадор во Република Австрија. Неговата должност ќе заврши на крајот на февруари, односно заклучно со 28 февруари 2026 година.

Третото отповикување се однесува на амбасадорот во Њу Делхи. Со Указ број 36, Слободан Узунов е отповикан од должноста амбасадор во Република Индија. Узунов, кој истовремено ги покриваше и Народна Република Бангладеш и Социјалистичка Република Шри Ланка на нерезидентна основа, ќе ја извршува функцијата заклучно со 19 декември 2025 година.

Покрај отповикувањата, Претседателката донесе и одлука за проширување на дипломатското покривање во Јужна Америка.

Со Указ број 37, Игор Попов е именуван за нерезидентен вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија за Ориентална Република Уругвај. Попов оваа функција ќе ја извршува од Бразилија, каде што е веќе стациониран како резидентен амбасадор.

Сите укази стапуваат на сила со денот на донесувањето, а за нивното извршување е задолжен Министерот за надворешни работи и надворешна трговија.

Можете да прочитате

Дигиталното насилство се шири со алармантна брзина

Најмногу дожд на Попова Шапка, најмалку во Штип

Лашкоска: Не увезуваме отпад, ниту ќе увезуваме во иднина