
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Томас Бирн, државен министер за европски прашања и одбрана на Ирска.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи, како и за процесот на пристапување кон Европската Унија.
Претседателката оцени дека политичките односи се пријателски и без отворени прашања, но со скромна динамика и посочи на потребата од интензивирање на контактите на највисоко политичко ниво. Таа ја истакна потребата за поголема економска соработка и трговска размена меѓу двете држави.
Сиљановска-Давкова се заблагодари за принципиелната и континуирана поддршка од Ирска за нашите аспирации за членство во Европската Унија. Потсети дека и по 21 година од формалната апликација за членство за време на ирското претседателство во 2004 година, процесот е заглавен во лавиринт од двојни стандарди.
Барајќи фер шанса за земјата, таа изрази надеж дека Ирска, за време на нејзиното претседателство во втората половина на 2026 година, како поддржувач на политиката на проширување ќе продолжи да се залага за кредибилен процес на пристапување, базиран на заслуги.
Таа уште еднаш укажа на опасноста по процесот на проширување, од неговата билатерализација и оптовареност со идентитетски и историски прашања.