Утрински Весник
Македонија

Сиљановска-Давкова: Да го чуваме споменот за Св. Кирил и Методиј и да ја зацврстиме заложбата за градење општество на знаење и меѓусебно почитување

Davkova 2.webp.webp

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј во која порачува да се чува нивниот спомен и преку нивните дела да ја зацврстиме заложбата за градење на општество засновано на знаење, меѓусебно почитување и достоинство.

„Дозволете ми од срце да ви изразам искрени честитки по повод 24 Мај, денот кога го славиме споменот на Светите рамноапостоли Кирил и Методиј – сесловенски просветители, заштитници на Европа, браќа и учители.


Овој ден е силен потсетник за трајната вредност на нивната мисија – вредност чии корени лежат длабоко во културата, знаењето и духовната сплотеност. Светите Кирил и Методиј ни ја подарија не само глаголицата, туку со неа изградија силен сесловенски културен и цивилизациски темел што продолжува да го потпира нашиот идентитет и до ден денес. Преку нивната посветеност и визија, го отворија патот кон писменоста и учењето на сопствен јазик – дар што омоќни многу генерации и го зачува нашиот глас низ вековите.

Да го чествуваме и чуваме нивниот спомен преку негувањето на вредностите коишто тие ги отелотворија: мудрост, вера, образование и обединетост. Славејќи ги нивните дела, да ја зацврснеме нашата заложба за градење на општество засновано врз знаење, меѓусебно почитување и достоинство.

Нека овој ден нè поттикне и понатаму да се гордееме со нашето културно и духовно наследство, да го чуваме, збогатиме и да им го предадеме на идните генерации изворот на знаењето што ни го дале нам нашите предци, а ним Светите Кирил и Методиј – секогаш чист, секогаш постојан, вечно жив“, се вели во честитката.

Можете да прочитате

Расветлени се мотивите за дел од случаите со пожарите кои настанаа изминатиот период, откри Тошковски

НОВ ТОПОЛ БРАН ОД АФРИКА: Во Македонија температурите во пораст!

Четири активни пожари низ Македонија