Утрински Весник
Македонија

Швајцарска енергетска корпорација на чекор до купување на Лукоил Македонија?

Lukoil.jpeg
Dik 300x250 mk

Компанијата Лукоил најави дека ќе ги продаде своите меѓународни средства поради санкциите од САД. Во Северна Македонија, оваа компанија е присутна со околу 40 бензински станици и стотици вработени.

Руската енергетска компанија „Лукоил“ доби понуда за купување на своите меѓународни средства, објави компанијата на официјалната веб-страница lukoil.com. Клучните услови на договорот веќе се договорени од двете страни, а „Лукоил“ ја прифати понудата и се обврза дека нема да преговара со други потенцијални купувачи.


Понудата доаѓа од „Гунвор груп“, компанија со седиште во Швајцарија, основана од шведскиот бизнисмен Торбјорн Торнивист и рускиот олигарх Генадиј Тимченко, близок до Кремљ. Тимченко се наоѓа на списокот со санкции на САД, ЕУ, Велика Британија, Швајцарија, Канада, Јапонија и Австралија. Ден пред да стапат на сила санкциите во 2014 година, тој го продал својот удел на Торнивист, обидувајќи се да ја заштити компанијата.

Иако „Гунвор“ оттогаш тврди дека нема врски со Русија, американското Министерство за финансии издаде дозвола со која им се дава рок на компаниите до 21 ноември да ги завршат сите трансакции со „Лукоил“ и „Роснефт“ – уште една руска енергетска компанија опфатена со новата рунда санкции.

„Доколку е потребно, страните планираат да аплицираат за продолжување на постојната лиценца“, наведуваат од „Лукоил“. Тие дополнуваат дека целиот договор зависи од одобрението на Канцеларијата за контрола на странски средства при Министерството за финансии на САД.

„Гунвор“ стана познат во 2000-тите како најголем трговец со руска нафта во светот. Компанијата оствари значителен профит од растот на цените на нафтата и гасот по почетокот на војната во Украина, а добивките ги користи за купување нови средства – од рафинерии и нафтени полиња до електрани и ветерни фарми.

Што продава „Лукоил“?

Со седиште во Москва, „Лукоил“ е одговорен за околу 2% од глобалното производство на нафта. Највредниот странски имот на компанијата е ирачкото нафтено поле Западна Курна 2, едно од најголемите во светот, каде поседува 75% удел и произведува над 480.000 барели дневно.

Компанијата е сопственик и на рафинеријата Лукоил Нефтохим Бургас во Бугарија – најголемата на Балканот, како и на рафинеријата Петротел во Романија. Покрај тоа, снабдува со нафта во Унгарија, Словачка и турската рафинерија СТАР, и поседува удели во терминали, мрежи на бензински станици во Европа и бројни проекти во Централна Азија, Африка и Латинска Америка.

Можете да прочитате

Левица: Орце бега од дебата без тутор и наместени прашања

Давкова на вечера со Макрон

ВМРО-ДПМНЕ: Али Експрес левичарите си измислуваат приказни во кои само тие си веруваат