
Соопштение за јавност на СДСМ:

Никој не сака да инвестира во држава во која премиерот прикажува лажен економски раст, а во реалноста економијата тоне. Никој не сака да инвестира во држава во која владата цела година нема донесено ниту една вистинска економска реформа. БДП-то расте само на хартија, додека граѓаните осиромашуваат, истакна потпретседателката на СДСМ Каја Шукова на конференција за медиуми.
Шукова нагласи дека Македонија е меѓу трите најслаби економии во Европа по раст на продуктивност и индустриско производство, а ВМРО-ДПМНЕ ја турка назад.
„Немаат ниту план, ниту капацитет за развој на економијата. Тоа се потврди и со новиот ребаланс кој е јасен показател дека економијата тоне, а ВМРО-ДПМНЕ ја води државата кон економски и институционален колапс”, истакна Шукова.
Таа нагласи дека последните податоци на Народната банка се поразителни и ја демантираат власта која упорно сака да нé убеди дека државата се движи напред.
„Во однос на последниот квартал од 2024 година, странските директни инвестиции се намалени за 261,7 милиони евра – од 397,5 на 135,8 милиони евра. Во споредба со истиот квартал лани падот е 191,4 милиони евра”, рече Шукова, додавајќи дека ова е најниско ниво странските директни инвестиции од ковид пандемијата во 2020 година, иако сега нема глобална криза, но има економски колапс – создаден од неспособната Влада на ВМРО-ДПМНЕ.
Шукова истакна дека, дека лани странски директни инвестиции биле на ниво од 1,25 милијарда евра и тоа не поради оваа влада, туку како резултат на правилните политики на владата на СДСМ кои придонесоа за стабилна деловна клима, предвидливост и доверба кај странските компании.
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за една година успеаја да ја уништат деловната клима за странските инвеститори, што СДСМ ја воспостави. Денес како што кажа Шукова, реалноста е спротивна од очекувањата на инвеститорите – влада без капацитет, нестабилна економска политика, замрзната европска агенда, партиски популизам и нефункционална дипломатија.
Потретседателката Шукова посочи дека странските инвеститори го губат интересот за вложувања во нашата држава, што е директен резултат на штетните политики, хаосот и несигурноста што ја создаде Владата на ВМРО-ДПМНЕ.