Утрински Весник
Скопје

Шукова: План и решенија за Гази Баба да стане мотор на развој на Скопје 

Kajagb6.jpeg

Соопштение на СДСМ:

„Оваа општина има огромен потенцијал. Но наместо да биде мотор на развојот, стана илустрација за стагнација” – порача Каја Шукова од митингот во Гази Баба, каде што ја претстави својата програма за обнова на општината и за трансформација на Скопје.


Шукова најави дека ќе стави крајот на урбанистичкото дивеење и ќе воспостави систем што ги става луѓето во центарот на секоја одлука. „Знаеме што ви недостасува. Не ни требаат анкети доволно е да прошетаме, да погледнеме околу себе, да ве слушнеме”, рече таа.

Првата голема мерка е поврзана со зелената инфраструктура, нови паркови и зелени зони, не само на цртеж, туку реално, во секоја населба. Централниот проект е обновата на Парк-шумата, која, според Шукова, треба да стане „бели дробови на градот” со трим патеки, спортски терени, рекреативни зони, детски игралишта и простори за миленици. 

Во делот на сообраќајот, ќе се воспостави поврзан, достапен и точен јавен превоз, а во Автокоманда е планирана изградба на катни гаражи со паметни системи, за како што рече „да не се губи време, пари и нерви во барање паркинг”.

Чисти улици, транспарентен систем за управување со отпад, нови контејнери и редовно одржување се дел од „реформите што не се за сликање, туку за вистински функционален град”.

„Гази Баба не смее да се гуши во отпад додека граѓаните плаќаат поскапи сметки и живеат во срамни услови”, предупреди Шукова.

Најчестото прашање што го добива, вели, е: „Што ќе правите со Вардариште?”

Одговорот: целосна трансформација на депонијата во модерен, контролиран и безбеден центар за селекција и рециклажа, без загадување, со ред и одговорност.

Шукова најави и крупни проекти од економски и урбан развој: прв Конгресен центар во Скопје со сали и бизнис капацитети, и нов Саем со 70.000 квадрати, простор за култура, спорт, изложби и настани.

„Тоа значи нови работни места и економија што се движи, не стагнира”, изјави таа.

Во програмата е вклучен и проект за велосипедска магистрала што ќе го поврзува градот од Студеничани до Сарај како дел од концептот „улици за луѓе”, а не за партиски тендери. Предвидени се и субвенции за велосипеди, со цел да се создадат здрави навики што не загадуваат.

Шукова упати и остра критика кон актуелната локална власт:

„Четири години нема градинки. Нема индустриска зона. Нема културни центри. Нема дрвја. Ветија 500.000, нема ни 5.000. Сè што има е сликање. Најава. Потоа молк.”

Наместо тоа, како што посочи, граѓаните добиле поскапа вода, поскап смет, поскапа канализација и најскапо од сè, разочарување.

„Не може скапи зборови да ја покријат евтината реалност”, изјави Шукова.

Таа се обврза на нов почеток со работа, отчетност и визија. 

„Јас не сум тука да ви ветувам бајки. Сум работела со план. Ќе го водам градот со план. Имам визија, имам тим и имам јасна цел: да ја изградиме Гази Баба каков што заслужувате зелена, поврзана, функционална” истакна таа.

Можете да прочитате

Во четврток во Скопје дебата за одговорното сопствеништво на миленици

Скопје ќе се кити со 53.000 евра

Пронајден починат маж пред поликлиника Ченто