Утрински Весник
Скопје
Img 7972

Шукова најави Конгресен центар и нов саем во Скопје

Shukova.jpeg
Img 7972

Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, на средба со граѓаните во Автокоманда, општина Гази Баба, најави неколку крупни инфраструктурни проекти што ќе го трансформираат главниот град во модерен, уреден и економски активен центар.

„Скопје е град со дух, со историја, но и со огромен неискористен потенцијал. Нашата визија е Скопје да се развива паметно, плански и храбро, со јасни цели и вистински проекти што носат промени,” изјави Шукова пред граѓаните.


Во фокусот на таа визија, како што истакна, е изградбата на модерен Конгресен центар – инфраструктура што ќе го отвори Скопје кон светот и ќе го постави на мапата на европски конгресни дестинации. Проектот, според неа, претставува економски, туристички и културен ресурс со кој градот ќе може да биде домаќин на меѓународни конференции, научни и професионални собири и големи културни настани.

Паралелно со Конгресниот центар, Шукова најави и изградба на нов Скопски саем во Гази Баба, со што оваа општина ќе добие нова стратешка позиција како регионален центар за бизнис, иновации и туризам. Новиот саем, според најавите, ќе има модуларни хали, конференциски сали, културни и комерцијални содржини, како и простор за мали и средни претпријатија и креативни сектори.

„Овој проект отвора нови пазари, ги поврзува локалните производители со странски партнери и создава услови младите да останат и да работат токму тука, во Скопје,” додаде Шукова.

Таа најави и решение за сообраќајниот хаос во Автокоманда, каде што ќе се изградат три катни гаражи. Две од нив ќе бидат наменети за жителите, со сигурни и достапни паркинг места, а третата за вработените во околните компании, со цел да се ослободи јавниот простор и да се намали метежот.

„Со овие мерки го враќаме просторот на граѓаните, ги ослободуваме тротоарите и го подобруваме квалитетот на живот,” нагласи Шукова.

Според неа, ова е визија за Скопје што поврзува, што е добар домаќин и што создава вредност – за граѓаните, за економијата и за државата.

„Ова е визија за град што има иднина, и ние сме подготвени таа визија да ја реализираме,” заклучи Шукова.

Можете да прочитате

Трајановски: Две нови градинки и проширување на капацитетите на постоечките во општина Аеродром

Орце Ѓорѓиевски: Кружниот тек кај „Бутелска“ и „Александар Урдаревски“ е приоритет за безбеден сообраќај

Трајановски: Средношколците ќе добијат бесплатен и безбеден превоз – Скопје мора да биде град на решенија, не на изговори