
Пишува: Проф. д-р Јове Кекеновски
И покрај својата економска моќ, Европската унија (ЕУ) се покажува како немоќен играч на глобалната политичка сцена во однос на големите сили како САД, Русија и Кина. Нејзината внатрешна разединетост, недостатокот на воен капацитет и геополитичката зависност од САД ги ограничуваат нејзините можности за формирање независна и кохерентна надворешна политика. Во контекстот на конфликтот во Украина, ЕУ не успеа да се наметне како главен играч, што ја прави мала и немоќна во однос на геополитичките игри и замисли на големите сили.
Во суштина, доаѓањето на Доналд Трамп на власт го ослаби влијанието на ЕУ на глобалната политичка сцена. Неговите политики ја ставија Европската унија во позиција на подреденост и немоќ, а нормално е да се очекува дека во иднина таа се повеќе ќе се прилагодува на американските интереси, наместо да биде активен и независен глобален актер. ЕУ покажа голем политички и дипломатски дилентантизам и немање на сенс посебно по однос на САД и по прашањето на Украина, Овој деилентантизам може да се согледа во контекст на различните политички, економски и стратегиски интереси што двете страни ги имаат во однос на конфликтот во Украина, како и внатрешните разлики помеѓу земјите-членки на ЕУ, економската зависност од Русија, геополитичката ориентација на САД и пост-Брегзит реорганизацијата на Унијата. Со право еден број на теоретичари велат дека ЕУ покажа дипломатска импотентност, бидејќи не само што на почетокот туку и во текот на целиот конфликт не успеа да понуди ефективни и усогласени инцијативи или планови за мирно решение, кои ќе ја натераа Русија да влезе во конструктивни преговори.
Без разлика на тоа што ЕУ е економски голем субјект, таа покажа дека има тешкотии да формулира и спроведува кохерентна надворешна политика, особено кога станува збор за тензични глобални прашања како Украина и односите со Русија.
Американскиот претседател Доналд Трамп често пати јавно изјавуваше дека е загрижен од водените политики на ЕУ во областа на трговијата и безбедноста кои не биле во корелација, поточно биле на штета на САД како и од однесувањети на некои европски лидери.Тој подолго време ја гледа ЕУ како конкурент која создава нефер трговски услови за САД, што го смета за извор на проблеми. Затоа, неговата стратегија има за цел да ја „ослабне“ ЕУ преку политички притисок и економски санкции, а со тоа да ја осигура доминацијата на САД во европскиот и глобалниот систем.
Во време кога САД доминираат на политичката сцена, нормално е да се очекува дека ЕУ ќе биде помалку влијателна во НАТО алијансата и дека ќе мора да игра подредена улога при донесувањето на многу важни стратешки и воени одлуки. Американската доминација значи дека ЕУ ќе треба да се усогласи со политиките на Вашингтон и да продолжи да биде зависна од американската воена моќ. Влијанието на ЕУ може да расте ако развие поголема автономија во одбраната, но за сега, САД ќе останат главната сила која ја дефинира стратегијата на НАТО, а ЕУ ќе продолжи да има улога што ќе биде тесно поврзана со интересите на САД.