На телефоните на претставниците и персоналот на Поткомитетот за одбрана на Европскиот парламент е пронајден шпионски софтвер, соопштено е во средата.
Инсталирани се софтверски алатки за надзор на телефоните на членовите и персоналот на Поткомитетот за безбедност и одбрана (СЕДЕ), објави Европскиот парламент во интерна електронска пошта.
На сите претставници на тој поткомитет им беше препорачано да ги однесат своите телефони до одделот за ИТ на агенцијата за да бидат проверени за шпионски софтвер, се вели во е-поштата што ја видел Политико.
Европскиот парламент веќе е во состојба на висока готовност за сајбер напади и странско мешање пред изборите за Парламентот на ЕУ во јуни.
Еден од членовите на Поткомитетот за безбедност и одбрана во вторникот отишол на рутинска проверка, при што на неговиот телефон биле откриени траги од шпионски софтвер. Членот изјави за Политико дека не е сосема јасно зошто бил цел на хакерскиот софтвер.
Заменик-претседателката на парламентот, Делфин Колард, рече во изјава дека „најдени се траги во два уреди“, што ги поттикна повиците до другите членови да ги проверат своите телефони.
„Во овој геополитички контекст и со оглед на природата на документите што ги следи Поткомитетот за безбедност и одбрана, посебно внимание се посветува на уредите на членовите на овој поткомитет и на персоналот кој ја поддржува неговата работа“, се вели во соопштението.
Новите откритија следат по претходните инциденти во кои беа вклучени други членови на Европскиот парламент кои беа цел на напади со шпионски софтвер. Во 2022 година, беше откриено дека телефоните на членовите на каталонското движење за независност, вклучително и политичари од ЕУ, биле заразени со Pegasus и Candiru, видови хакерски алатки. Истата година, грчкиот член на Европскиот парламент и лидер на опозицијата Никос Андрулакис се најде на списокот на грчки политички и јавни личности за кои се утврди дека биле нападнати од Предатор, друга алатка за шпионирање. Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола претходно исто така се соочи со обид за хакирање со помош на шпионски софтвер.
Во 2022 година, членовите на Европскиот парламент формираа специјална истражна комисија за прашањето на хакирањето. Истражуваше серија скандали во земјите-членки, вклучувајќи ги Шпанија, Грција, Унгарија и Полска, и заклучи дека најмалку четири влади во Унијата злоупотребиле алатки за хакирање за политичка корист.