Германскиот канцелар Олаф Шолц смета дека континуираните напади со руски беспилотни летала во Украина се знак на очајот на Москва и ја подвлече важноста од планирање на обновата на земјата.
Во своето обраќање на конференцијата за обнова на Украина во Берлин, Шолц истакна дека историјата на Германија покажува дека била возможна обновата на земјата и по разорна војна.
Затоа, вели тој, важно е да се планира иднината на Украина како просперитетна и демократска членка на Европската унија и извозник на зелена енергија и високотехнолошки добра.
„Оваа конференција е за создавање Маршалов план за 21 век“, подвлече Шолц.
Тој посочи дека посветеноста на Украина кон ЕУ е една од најзначајните геополитички одлуки на оваа ера.
На Украина и е потребна голема помош од Германија за финансирање на државата за време на војната, објасни економскиот советник на претседателот на Украина, Александар Родњански.
„Секој месец ни требаат четири до пет милијарди долари за нашиот буџет. Мислиме дека Германија може да преземе над половина милијарда долари, особено следната година“, потенцира Родњански во изјава за медиумите на германската „Фанк груп“.
Украина очекува околу две милијарди долари месечно од ЕУ, рече тој.
Потенцира дека државата мора да функционира и да се исплаќаат пензиите.
Родњански рече дека штетата на инфраструктурата се проценува на околу 120 милијарди долари.
Претседателот на Германија, Франк Валтер Штајнмаер, кој денеска ненадејно пристигна во Киев, вети натамошна помош од неговата земја за Украина.
„Мојата порака до Украинците е дека ние не само што сме на ваша страна, туку дека ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина, економски, политички и воен“, подвлече тој.