Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави денеска дека нема да прифати каква било одлука која би вовлекла германски војници во војната во Украина.
„Нема да поддржам ниту една одлука што резултира со тоа германски војници на некој начин да бидат вклучени во воена операција во врска со војната на Русија против Украина“, рече Шолц.
„Политико“ претходно денеска објави дека британските официјални претставници приватно ја критикувале Германија поради одбивањето да испрати ракети „Таурус“ во Украина.
Германскиот Бундестаг во февруари го отфрли барањето на опозициските демохристијани за испорака на крстосувачки ракети „Таурус“ во Украина, но го одобри предлогот на владејачката партија за испраќање оружје со долг дострел.
Предлогот на опозицијата беше отфрлен со мнозинство гласови на владејачката социјалдемократско-зелено-либерална коалиција, 383 пратеници гласаа за предлогот за оружје со долг дострел, а 284 беа против.