Набргу откако Русија започна воена операција против Украина во февруари 2022 година, западните земји замрзнаа околу 300 милијарди долари средства на руската централна банка. Од таа сума, бриселската клириншка куќа „Еуроклир“ вреди околу 191 милијарда евра, а во изминатата година инкасирала речиси 4,4 милијарди евра од камата.
– Ќе ги искористиме неочекуваните приходи од руските средства замрзнати во Европа за финансиски да го поддржиме купувањето оружје за Украина – рече германскиот канцелар Олаф Шолц на заедничката прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон и полскиот премиер Доналд Туск во Берлин.
Германскиот лидер најави и планови за воспоставување „нова способност на коалицијата за ракетна артилерија со долг дострел“, со одредба дека набавката ќе се одвива „на целиот светски пазар“, пренесува Кликс.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен минатиот месец предложи каматата од замрзнатите руски средства да се користи за купување оружје за Украина. Сепак, Политико, цитирајќи анонимен функционер на ЕУ, во четвртокот објави дека Малта, Луксембург и Унгарија „искажале резерви“ за планот претходно оваа недела.
Москва постојано предупредуваше дека какви било активности преземени против нејзиниот имот би претставувале „кражба“. Тој нагласува дека заплената на имот или кој било сличен потег би го прекршило меѓународното право и би ги поткопало западните валути, глобалниот финансиски систем и светската економија.