
Повеќе од една деценија по тешката несреќа што ја потресе спортската јавност, од кругови блиски до семејството Шумахер пристигнуваат информации што внесуваат доза на надеж кај фановите на легендарниот возач. Михаел Шумахер, седумкратниот светски шампион во Формула 1, доживеа сериозни повреди при скијање на 29 декември 2013 година на француските Алпи, по што целосно исчезна од јавноста.
Според најновите информации што ги пренесуваат британските медиуми, Шумахер моментално престојува во семејниот имот „Лас Бризас“ на Мајорка – луксузна вила вредна повеќе од 30 милиони евра, каде што му е обезбедена 24-часовна медицинска нега. Иако неговата здравствена состојба и натаму е сериозна, изворите наведуваат дека тој повеќе не е постојано врзан за кревет.
Се посочува дека 57-годишниот поранешен возач не може самостојно да оди и се движи со помош на инвалидска количка, при што секојдневно е придружуван од тим медицински сестри и терапевти. Грижата за него е континуирана и строго организирана, а пристап до него имаат само најблиските членови на семејството и мал број доверливи лица.
Сопругата Корин Шумахер со години доследно ја штити приватноста на Михаел, одбивајќи да открива детали за неговата состојба. Токму поради тоа, јавноста со години е преплавена со шпекулации – од тврдења дека не комуницира, до наводи дека е целосно свесен за околината. Сепак, семејството никогаш официјално не ги потврдило тие информации.
Извори блиски до медицинскиот тим наведуваат дека Шумахер покажува одредено ниво на свесност. „Тој разбира дел од случувањата околу себе, но не може целосно да учествува во комуникацијата“, тврди еден од нив, додавајќи дека состојбата е сложена и бара постојана нега и внимание.
Од трагичниот ден на Алпите до денес, Михаел Шумахер не се појавил во јавноста. За милионите фанови ширум светот, секоја нова информација колку и да е мала претставува потсетник на човекот кој остави неизбришлива трага во историјата на Формула 1 и надеж дека борбата на легендата сè уште трае.

