Утрински Весник
Македонија

Шилегов: Ако за полицајците нема одговорност, зошто има судење за „Пулс“?

Whatsapp image 2025 11 19 at 10.09.08.jpeg

На денешното рочиште, адвокатот Петре Шилегов побара од Обвинителството да го преиспита својот пристап во предметот и да повлече дел од обвиненијата, оценувајќи дека постапката создава непотребни трошоци за државата и може да се темели на правно нецврсти основи. Како клучен аргумент, тој се повика на најновиот брифинг на Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Според Шилегов, во одлука на ГОКК за ист кривично-правен настан, истрагата против седум полициски службеници била запрена за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“. Во образложението, како што наведе тој, било утврдено дека нема директна причинско-последична врска меѓу непостапувањето и настанатите последици, поради што евентуалната одговорност можела да се разгледува само во рамки на „злоупотреба на службена положба“ – дело за кое, во меѓувреме, настапила застареност.

Одбраната оцени дека истата правна логика мора да се примени и во овој предмет. „Постои очигледна неусогласеност во ставовите. Апелирам и до судот и до обвинителството сериозно да ја преиспитаат позицијата и за дел од обвинетите да се повлече обвинението“, истакна Шилегов.

Претседателката на судечкиот совет, судијката Диана Груевска Илиевска, потврди дека Судот е запознаен со брифингот и дека побарал официјална одлука, но нагласи дека постапката не може да запре додека надлежното обвинителство не се изјасни. „Судот се интересираше за содржината на брифингот, но додека нема формален став од обвинителството во овој предмет, судењето мора да продолжи“, рече таа.

На излагањето на одбраната реагираше обвинителот Борче Јанев, кој оцени дека споредбите со одлуките на ГОКК се неосновани и преуранети. Тој посочи дека Обвинителството сè уште нема целосен увид во тие одлуки, дека актуелниот предмет не се однесува на полициски службеници, туку на лица со поинакви овластувања, како и дека одлуките на ГОКК не се конечни и можат да бидат предмет на жалба од оштетените.

Со тоа, судењето продолжи, а судот најави дека ќе постапува по предметот додека не биде доставен официјален став од надлежното обвинителство.

Можете да прочитате

Два случаи на семејно насилство во Струга и Кичево

Пет тони дрога поминале низ Македонија – кој ќе одговара за картелскиот скандал?

Ноќна полициска акција во Битола: Претреси во домови на дилери, пронајдена дрога