
Заменичката-генерална секретарка на НАТО Радмила Шекеринска рече дека Западен Балкан е регион од исклучително значење за Алијансата и дека пораката на Алијансата до регионот е дека постоечките проблеми не можат да се решат со поделби и омраза, туку со соработка и напорна работа.
– Не е доволно што нема војна. Зборовите се важни. Регионот денес е мирен, се движи кон ЕУ, но сè уште гледаме изјави насочени кон поделба, национализам и сепаратизам, а тоа не се само зборови. Понекогаш зборовите се поопасни од оружјето бидејќи можат да доведат до насилство, констатира поранешната македонска министерка.
Отворајќи го младинскиот самит на НАТО, кој се одржува во Будва, а во организација на Атлантскиот совет на Црна Гора и НАТО, Шекеринска истакна дека е среќна што младинскиот самит на НАТО се одржува во Црна Гора и во регионот од кој и самата доаѓа.
„Кога зборуваме за идните генерации, не зборувам за далечната иднина, туку за сите вас кои ни помагате да ја обликуваме иднината. Сметаме на вашиот талент, придонес, креативни аспекти и професионални ставови, кои ќе ни помогнат да создадеме посигурна Алијанса и да ни даде можност да создадеме попросперитетен свет“, рече Шекеринска.
Вториот човек во НАТО истакнал дека претстојниот самит на НАТО во Хаг во јуни ќе биде посветен првенствено на прашањето за зголемување на воените трошоци и капацитетите за производство на одбраната.
– Некои од сојузниците, особено соседите на Русија, достигнаа 4-5 проценти од БДП во трошоците за одбрана. Во време на предизвици, мора да донесуваме тешки одлуки, што значи повеќе инвестирање во одбраната, додаде заменик-генералната секретарка.
Таа додаде дека неопходно е модернизација во армиите.
– Мора да ги имаме потребните капацитети, ќе продолжиме да ги зголемуваме трошоците за одбрана. Живееме во опасни времиња, војната во Украина продолжува, а интеракцијата на Русија со Северна Кореја, Иран и Кина покажува колку е важно да ја развиваме нашата одбрана како сојузници со споделени вредности и интереси, порача Шекеринска.
На прашањето за можностите за приклучување на Украина кон НАТО, таа го даде примерот на Македонија, која 30 години чекаше да стане дел од најголемата воена алијанса.
– Приемот на Украина во НАТО е важно и многу тешко прашање. Проширувањето на пактот е сложен процес. Во тешки времиња, не смееме да ја изгубиме надежта, повика Шекеринска и додаде дека Западниот Балкан останува од стратешко значење за алијансата.