Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска, во Вилнус, во пресрет на дводневниот самит на НАТО, изјави дека на овој состанок сè уште е можно да се добие позитивна одлука за членството на Шведска.
„Сè уште е можно да се добие позитивна одлука за шведското членство овде во Вилнус“, рече Столтенберг на заедничката прес-конференција со претседателот Гитанас Наусед, еден ден пред дводневниот самит на НАТО.
Тој додаде дека вечерва ќе има средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и со шведскиот премиер за да се обиде уште еднаш да најде решение.
„Напорно работиме Шведска да стане членка што е можно побргу“, додаде Столтенберг.
Откако турскиот претседател неочекувано ја поврза согласноста на Турција за прием на Шведска во НАТО со влезот на Турција во ЕУ, Столтенберг коментира дека ги „поддржува амбициите на Турција“ за влез во ЕУ, но дека Шведска веќе ги исполнила условите за влез во 31-члената алијанса.
Ердоган рече дека Европската Унија треба да го отвори патот за пристапување на Турција во ЕУ пред турскиот парламент да го одобри приемот на Шведска во НАТО.
„Пред сè, отворете го патот за Турција да влезе во Европската Унија, а потоа ќе го отвориме патот за Шведска, како што ја отворивме за Финска“, рече тој додавајќи дека тој повик ќе го повтори на самитот.
Пристапувањето на Турција во ЕУ е замрзнато со години. Пристапните преговори почнаа во 2005 година кога Ердоган првпат беше премиер.