Утрински Весник
Свет

Шефицата на албанското разузнавање тајно во Белград, тврди Бериша

Шефицата на албанското разузнавање тајно во Белград, тврди Бериша

Во Тирана се прошири веста дека шефицата на албанската разузнавачка служба, Вљора Хисени, дошла во Белград. Оваа информација прв ја соопшти лидерот на албанската опозиција, поранешниот претседател и премиер, Сали Бериша.

dobivaj vesti na viber

Како што тврди Бериша, оваа посета во екот на тензиите на северот од Косово укажува на „координација на силите на Рама и неговиот шеф против Косово, што е многу интересно поради сериозната политичка криза во Белград“.

Според Бериша, оваа посета претставува сериозен удар врз албанската соработка со службите на пријателските земји од регионот.

„По оваа посета, тврди Бериша, тие веќе нема да разменуваат чувствителни информации со албанската служба знаејќи дека доверливиот човек на Рама може да ги испрати во Белград“, објави албанскиот сервис „Политика“.

Членот на Демократската партија, воедно и член на Комисијата за национална безбедност во албанскиот парламент, Фљамур Нока, испрати официјално писмо до претседателот на Албанија, Бајрам Бегаи, во кое бара појаснување во врска со посетата на Хисени на Белград, која, како што тој тврди, ќе трае 10 дена.

„Со оглед на тоа дека Албанија е членка на НАТО, посетата на шефот на службата на земја што не е членка на НАТО предизвика голема загриженост. Тоа е затоа што службата ја претставува главната институција за национална безбедност. Исто така, оваа посета ја зголемува мистеријата и отвора многу прашања бидејќи се случува во многу комплициран и деликатен момент за Косово, каде што српскиот претседател Вучиќ провоцира со нарушување на ситуацијата и мирот и загрозување на стабилноста во регионот“, се наведува во писмото.

Нока како член на Комисијата за национална безбедност побара Бегај да го информира за мотивите, причините и за целта на оваа мистериозна посета.

„Дали беа информирани надредените институции и дали е добиено нивно одобрение? Дали тоа беше направено со консултација и дали нашите партнери во НАТО беа информирани за оваа посета? Барам информациите да ми бидат достапни во рок од 5 дена“, вели тој во барањето до Бегаи.

Хисени претходно беше заменик-директор на Косовската разузнавачка агенција (КИА), но во јуни 2021 година беше разрешена од таа функција со одлука на Вјоса Османи и Аљбин Курти.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, во април годинава ја назначи на чело на албанската разузнавачка служба.

 

 

Можете да прочитате

Израелската армија објави дека цел на напад бил јужен Либан

Ужас во Австралија: Воспитувач силувал 60 девојчиња, бакнувал и бебиња – Осуден е на доживотен затвор

Путин загрижен за безбедноста на Трамп: Се надевам дека ќе биде внимателен