Утрински Весник
Свет

Шаленберг: Немаме намера да се повлечеме од Либан и покрај повиците на Израел

Unifil Un Liban.jpg

Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг денеска изјави дека земјите кои придонесуваат за мировните сили на ОН во Либан (УНИФИЛ) немаат намера да се повлечат од југот на таа земја и покрај повиците на Израел да го сторат тоа.

Шаленберг, чија земја има околу 160 војници во УНИФИЛ, изјави за Ројтерс во Брисел дека „нема дискусија за повлекување“.

„Тие се тука да останат, но безбедноста на нашите војници е најважна. Сите мора да бидат безбедни“, рече тој.

Според него, Израел има право да се брани од Хезболах, но дури и ненамерните напади на мировните позиции се кршење на меѓународното право.

Шаленберг, разговарајќи на оваа тема меѓу министрите за надворешни работи на ЕУ, во понеделникот рече дека европските земји немаат намера да ги повлечат своите војници или да го напуштат Либан.

Европските претставници најавија дека членките на ЕУ денеска планираат да одржат видео-конференција за нивната моментална позиција и улога на мисијата кога станува збор за војници, опрема и ангажман.

Од почетокот на израелската копнена операција против милитантите на Хезболах на 1 октомври, позициите на УНИФИЛ постојано беа под оган, а два израелски тенкови ги пробија портите на една од нејзините бази, додека петмина мировници беа повредени, соопштија ОН.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата ги повика ОН да го повлечат УНИФИЛ „од упоришта на Хезболах и од борбените зони“, а израелските власти рекоа дека нивните сили намерно не го гаѓале УНИФИЛ.

Тие тврдат дека Хезболах користи мировни позиции како покритие за напади и дека Израел има право да одговори.

Можете да прочитате

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење

Петнаесет лица повредени во руски напад врз Харков