Хрватската пејачка Северина приведена на српската граница. Полиција го претресувала нејзиниот автомобилог а хрватската пејачка била испрашувана и поради нејзините ставови за Сребреница.
По неколкучасовен разговор, и било дозволено да влезе во Србија каде требала да настапи на роденденска забава, но пејачка одбила да го продолжи патувањето и се вратила назад во Хрватска. За хрватските медиуми, Северина откри дека откако ја запрела граничната полиција прво ја принудиле да чека неколку часа во нејзиниот автомобил, а потоа 45 минути го претресувале нејзиното возило и ја однеле на распит за теми како што се геноцидот во Сребреница, Јасеновац, нејзината поддршка на протестот против ископувањето на литиум, за првиот хрватски претседател Фрањо Туѓман, акцијата Бура.
„Кога почнаа да ме испитуваат што мислам за силувањето на жени и зошто биле протерани Србите од Хрватска, јас одговорив дека секоја жртва е важна но и дека ја прекинувам оваа престава и повеќе нема да одговарам на нивните прашања. Побарав да ми ги вратат документите бидејќи нема да дозволам на мене да покажуваат сила. Им кажав дека повеќе нема да дојдам во Србија се додека на чело е добро знаете кој“ – рече Северина.
Српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, ги отфрли наводите дека Северина намерно била таргетирана и порача дека пејачката била задржана поради контрола, но во никој случај не и бил одбиен влез во земјата. Сепак потврди дека името на хрватската пејачка се наоѓа на списокот на лица кои направиле вербални прекршоци и најави укинување на таквите листи.
„Северина ниту е приведена, ниту уапсена, ниту и е одбиена влез во Србија, туку е приведена поради контрола. Лудилото на хрватските медиуми и опозициските домашни политичари и медиуми нема граници. Каква врска има претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ со постапките на кој било припадник на полицијата или безбедносните структури, а со тоа и со задржувањето на Северина на нашата граница?“ – изјави Ивица Дачиќ министер за внатрешни работи на Србија.
Според хрватските медиуми, во минатите години, на неколку нивни пеачи им бил забранет влез во Србија поради навреда и изведување националистички песни.