Утрински Весник
Македонија

Семејното насилство не е приватен проблем: АФЖ – Левица со работна средба за сеопфатен систем на заштита

648057214 1502151537934572 1570885159539201456 n.jpg

Во рамки на активностите на новоформираната работна група за преиспитување на институционалното постапување во случаи на семејно насилство, АФЖ при Левица одржа и работна средба.

Средбата претставуваше продолжение и сублимација на претходните дискусии и консултации во кои беа разменети бројни искуства, беа разгледани законските и подзаконските акти, компаративни примери, анализи и предлози во однос на функционирањето на системот за заштита од семејно насилство. Целта на оваа средба беше овие размислувања и согледувања да се обединат и систематизираат во поширока рамка на идни активности на работната група.


Во текот на дискусијата беше нагласено дека проблемот на семејното насилство не може да се третира исклучиво низ призмата на законските одредби, туку бара сеопфатен пристап што ги опфаќа институционалните практики, подзаконската регулатива, протоколите за постапување, како и начинот на кој институциите соработуваат и реагираат во конкретни случаи. Учесничките потенцираа дека е неопходно да се разгледаат повеќе аспекти на системот – од можни законски интервенции, преку иницијативи и мерки на централно и локално ниво, од градинка до пријава во полиција, па сè до предлог-проекти и унапредување на постојните подзаконски акти кои го регулираат институционалното постапување.

Воедно беше истакнато дека постојните механизми за заштита често се соочуваат со сериозни предизвици во практичната примена, особено кога станува збор за координацијата меѓу институциите, навременото реагирање и доследното спроведување на заштитните мерки. Токму затоа, работната група има за цел да пристапи кон проблемот системски и сеопфатно, со намера да придонесе кон создавање пофункционален и поодговорен институционален механизам за заштита на жртвите.

Работната група ќе продолжи со својата работа и во наредниот период, преку понатамошни консултации, анализи и работни средби, со цел во најбрз можен рок формулирање на предлози кои ќе придонесат кон унапредување на институционалниот одговор и јакнење на системот за заштита од семејно насилство.

За Левица ваквиот пристап претставува дел од пошироката заложба за градење систем кој ќе функционира навремено, одговорно и во интерес на граѓаните. Заштитата на жртвите од насилство не смее да остане декларативна обврска која се актуелизира само при трагични настани, туку мора да се одрази во конкретни институционални политики и практики.

Можете да прочитате

Сиљановска-Давкова во комеморативна посета на Треблинка

Владата нуди статистичка утеха додека животот поскапува вели Битиќи

Пожар во дел од магацин во близина на карбинското село Таринци