Утрински Весник
Свет

Семејна расправија на повидок: Берлускони остана со милиони, но прашањето е кој ќе го наследи богатството

Семејна расправија на повидок: Берлускони остана со милиони, но прашањето е кој ќе го наследи богатството

Силвио Берлускони, милијардерот и поранешен премиер на Италија, остана со голема деловна империја и прашањето кој ќе го наследи неговото богатство.

dobivaj vesti na viber

Берлускони, кој почина вчера во миланската болница „Сан Рафаеле“ на 87-годишна возраст, почна да го заработува своето богатство во 60-тите со инвестирање во изградба на модерна станбена област во близина на Милано пред да се прослави како медиумски тајкун, пренесува холандскиот НОС.

Во 70-тите тој ги прошири своите интереси со основање на ТВ-кабелската компанија „Телемилано“ и купување уште два кабелски канала во Италија.

„Фининвест“ има и мнозински удел во „Мондадори“, најголемиот издавач на книги и списанија во Италија, како и неколку банки и осигурителни компании.

Компанијата го продаде фудбалскиот клуб „Милан“ по 31 година сопственост, но „АЦ Монца“ сè уште е семејна сопственост.

Според американскиот магазин „Форбс“, приватното богатство на Берлускони во моментот на неговата смрт изнесувало речиси 6,8 милијарди долари.

Сите негови компании и работни места потпаѓаат под матичната компанија „Фининвест“, а Марина Берлускони (56), најстарата ќерка на медиумскиот тајкун, е претседател на холдингот од 2005 година.

„Фининвест“ со вчерашното соопштение најави дека засега ништо нема да се промени во компанијата, но останува да се види дали тоа е одржливо на долг рок.

Берлускони никогаш јавно не објави кој треба да го наследи по неговата смрт и кој ќе има најголема моќ во деловната империја, исто така ќе зависи од тоа како ги поделил своите акции, повеќе од 61 отсто од сопственоста на „Фининвест“, меѓу наследниците во тестаментот.

Берлускони има четири деца, освен Марина, од првиот брак е и синот Пјер Силвио (54), а од вториот брак ќерките Барбара (38), Елеонора (37) и синот Луиџи (34).

Пјер Силвио (53) е извршен директор на MediaForEurope, а Барбара и Луиџи се кодиректори во „Фининвест“.
Сите негови деца имаат значителен удел во „Фининвест“.

Неговата последна партнерка Марта Фасина (33), со која Берлускони наводно не сакал да склучи официјален брак поради евентуален спор со децата за наследството, нема акции во компанијата.

Таа е член на парламентот на политичката партија Форца Италија на Берлускони.

Извори блиски до семејството наведуваат дека ќерката Марина, најверојатно, ќе биде на чело на империјата на Берлускони, а тој самиот во телевизиска емисија во 2018 година изјавил дека е најблизок со својата најстара ќерка и дека секој ден ѝ се обраќа и бара совет.

Италијанскиот закон предвидува децата на Берлускони да добиваат две третини од наследството во еднакви делови, а остатокот од имотот покојникот може да го подели како што сака, наведува холандскиот јавен сервис.

Можете да прочитате

Околу 18.000 Сиријци се вратиле дома од Јордан, по падот на Асад

Во Украина пристигаат германски тенкови „Леопард“

Банкротираше компанијата што ги произведува амблемите на Мерцедес