Зјадин Села и Арбен Таравари, кои деновиве беа во фокусот на јавноста поради суштински разидувања оствариле тет – а – тет средба на која паднал договор за поделба на имотот на партијата, пишува неделникот „Фокус“.
Според написот, двајцата некогаш блиски соработници, сега лути ривали, се договориле Села да ги задржи партиските возила и средствата на сметка, додека дошло до поделба на штабовите, така што партискиот штаб во Скопје му припаднал на Села, а штабот во Тетово на Таравари.
Повикувајќи се на високи партиски извори, „Фокус“ објавува дека она за што немало договор е кому да ми припадне партискиот печат и бренд, што ќе зависи од правната разврска која веќе е покрената во тетовскиот суд, откако двете страни одржаа паралелни седници на Централното собрание и на Конгресот, тврдејќи дека го имаат легитимитетот.
Како што е познато, партијата се подели откако лидерот Таравари одлучи преку фејсбук да соопшти дека по низата средби што ги имал со претставници на политичките партии и дипломатската заедница, одлучил да и се придружи на албанската опозиција, бидејќи, според него граѓаните сакале промена.
На ова реагираше неговиот претходник Села, кој истакна дека партијата имала формална одлука за самостоен изборен настап, но Таравари не ја испочитувал и без никаква консултација со партискиот врв и органите решил на своја рака да соопшти лична одлука преку социјалните мрежи.