Утрински Весник
Балкан

Сега двајцата осомничени за убиството на Данка Илиќ се предомислија: Сега велиат дека не ја ни виделе, а не да ја убиле

Danka.png

Случајот со двегодишната Данка Илиќ од Бор станува уште позаплеткан откако еден од осомничените, Д.Д., кој претходно призна дека ја убил и во детали го опиша делото, вчера во Обвинителството во Заечар, на повторното сослушување го демантира убиството.

Вчерашното сослушување беше на негово барање, а како што пренесоа српските медиуми, тој по изнесувањето на личните податоци, име, презиме, место на живеење и друго, пред обвинителот рекол „Не ја убив Данка Илиќ“.

– Тој сега негира сè. Рече дека не го ни видел детето кобниот ден на патот во Бањско Поле. Тој рече дека не ја ставил во автомобил и дека не ја давел, а телото не го фрлил на депонија. Практично, сега ја раскажа речиси истата приказна како и неговиот колега, осомничениот С.Ј., кој исто така во мај во обвинителството го негираше делото, вели извор на порталот запознаен со случајот.

Во оваа ситуација, која станува се покомпликувана, обвинителите немаат многу време да го докажат делото и да напишат обвинение. Тоа треба да го сторат за помалку од три месеци, во спротивно, двајцата осомничени, педесетгодишните Д.Д. и С.Ј. треба да бидат пуштени да се бранат од слобода бидејќи во притвор се повеќе од три месеци, за законски е дозволено најмногу шест месеци.

Со негирање на делото при вчерашното излегување пред обвинител, Д.Д. постапи како другиот осомничен, С.Ј. кој прво се бранеше со молчење, а кога на негово барање сведочеше рече дека дента бил во Бањско Поле, но не ја ни видел малата Данка.

Инаку, Д.Д. веднаш по апсењето на 4 април годинава како што информираа од полицијата, ја раскажал целата приказна за исчезнувањето на Данка. На првото сослушување тој рекол дека критичниот ден, на 26 март неговиот колега С.Ј., кој управувал со службеното возило на „Водовод Бор“, ја прегазил Данка блиску до местото каде што исчезнала, а тој излегол од автомобилот, па кога видел дека е уште жива ја задавил со раце, а нејзиното тело го фрлил малку подолу на депонија покрај патот. Два дена подоцна, како што рекол тој, со помош на татко му и брат му го преместил телото на девојчето на локација која не ја открива, па тоа до сега, без малку четири месеци подоцна, не е откриено.

Пред неколку дена обвинителството сослуша три нови сведоци, надевајќи се дека ќе дојде до некаков доказ. Двајца од нив биле сопружници од Бањско поле кои рекле дека воопшто тој ден не ја виделе Данка, а третиот рекол дека ги видел двајцата осомничени во возилото кое поминало покрај него додека тој џогирал на патот. На тоа сослушување присуствувале и обвинетите, а како што пренесуваат српските медиуми Д.Д. почнал да ги навредува обвинителите нарекувајќи ги криминалци и трговци со деца.

Освен што го нема телото на девојчето, досега нема ниту една материјална трага што би ја докажала вината на двајцата осомничени, иако се собрани и вештачени околу 500 примероци, меѓу кои и прамен коса. Сослушани се и 17 сведоци, но ниту еден од нив не рекол дека ги видел осомничените во близина на Данка.

Данка Илиќ од Бор исчезна на 26 март од семејниот имот во Бањско Поле, буквално пред очите на мајка ѝ. На 4 март уапсени се С.Ј. и Д.Д., кој прво призна дека ја убил и ѝ го сокрил телото, а сега тоа го негира.

Можете да прочитате

Хорор во Белград: Киднапирале маж, го мачеле и го врзале, сакал да избега но паднал од 27 кат и починал

Уапсен шефот на Обвинителството на округот Валона

12-годишно девојче во Хрватска исчезна, полицијата започна потрага