Утрински Весник
Македонија

Седум иницијативи на денешната седница на Уставен суд

20241106171242 Big 730x400 42.webp.webp

Седум иницијативи за оценување на уставноста и законитоста се на дневен ред на денешната 29. седница на Уставниот суд.

На дневен ред е иницијативата поднесена од  ВМРО – ДПМНЕ за член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија.

Според наводите во иницијативата, како што информираат од Судот, државата сама го декларирала рокот на истекување на важноста на патните исправи на печатените обрасци, во моментот на издавање на секоја патна исправа, за потоа со закон истиот да го измени на директна штета на граѓаните. Се наведува дека истекувањето на рокот на важност порано од декларираниот рок на документите од страна на државата ги става граѓаните во состојба на изгубена правна заштита и правна сигурност. Исто така подносителот тврди дека со промената на датумот на важност, сите лица кои извадиле патна исправа во периодот од јули 2014 до јули 2021 година (кога стапува на сила оспорениот закон) се ставени во нееднаква/ дискриминирана позиција, во споредба со сите останати лица, затоа што се обврзани на свој двоен трошок повторно да извадат патна исправа. Тоа значи дека за истата услуга, некои граѓани плаќаат двојно, независно од тоа што совесно и одговорно си ги промениле своите документи.

Според наводите во иницијативата, заради оперативна и техничка неможност за издавање на стотици илјади патни исправи во предвидениот рок до 12 февруари 2024 година, дури и под услов сите лица да аплицираат до наведениот термин, управните служби на Министерството за внатрешни работи нема да бидат во можност да ги изработат сите овие документи во наведениот рок.

-Подносителот тврди дека стотици илјади граѓани нема да бидат во можност да ја напуштаат Републиката и да се вратат во неа по наведениот датум, а истото ќе има ефект врз нивната слобода на движење, како и врз стопанскиот промет во државата. Заради неверојатниот метеж при аплицирање и подигање на документите граѓаните се приморани дополнително да го бранат сопствениот морален интегритет од разните форми на понижувачко однесување на институциите, но и на граѓаните кои за да го остварат сопственото право, го нарушуваат правото на другите, пишува во иницијативата.

Судиите ќе расправаат и по иницијативата со која е оспорен член 67-а став 1 во делот „Прекршочниот“ од Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија. Според подносителот на иницијативата, Комисијата за водење на прекршочна постапка не е прекршочен орган, а во оспорената законска одредба, како и во Законот во целина не е пропишан институтот „прекршочен орган“ што е спротивно на член 8 алинеја 3 од Уставот и со Амандман XX.

На денешната седница се и иницијативите за член 16 став 4 од Законот за управни спорови. Според подносителот на иницијативата оспорената одредба овозможува судиите избрани во Управен суд да се стават во нерамноправна положба, бидејќи за нив се наметнува обврската да имаат „две години судиски стаж” за да постапуваат како судија-поединец во постапките поведени во управен спор и покрај тоа што ваков услов не е предвиден во Законот за парнична постапка. Според подносителот обврската за „две години судиски стаж”е нејасна одредба бидејќи не може да се разграничи дали тој стаж треба да биде додека судијата е во Управен суд или вкупен стаж како судија. 

На денешната седница се и иницијативите поднесени за член 2 во делот „федерација“, член 4 став 1 во делот „општествено-политичките заедници“, член 4 став 3 во делоците „самоуправните судови“ и „општествениот правобранител на самоуправувањето“ и член 5 став 2 во делот „југословенските“, од Законот за организацијатата и за единствената методологија на прибирањето, евидентирањето и обработката на податоци и информации за потребите на правосудните органи од интерес за целата земја („Службен лист на СФРЈ“ бр.44/1989), по иницијативата за член 38-а од Законот за судовите, по иницијативата за Одлуката за донесување на Урбанистички план вон населено место за индустриска зона „Мауцкер”, КО Долно Лакочерај-вон град, Општина Охрид, плански период 2013-2023, со бр.08-2681/14, донесена од Советот на Општина Охрид на 27.02.2015 година, како и по иницијативата поднесена за член 7 став 2 алинеја 1 од Одлуката за распределба на социјални станови, како и условите за нивно користење изградени по програмата за изградба, продажба и одржување на станбениот простор во сопственост на Република Северна Македонија во делот „надоместок”. 

Можете да прочитате

Почнува кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“

Студено утро со температури и до минус 11 степени

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!