
Општина Аеродром ќе го отстрани Божиќниот базар „Зимзоленд“, откако речиси две недели работел без никакви дозволи, документација и регуларни услови. По хаосот што го предизвикаа реквизитите и реакциите на граѓаните, од општината за Телма потврдија дека започнува постапка за негово демонтирање.
„Вчера во попладневните часови е извршен заеднички вонреден инспекциски надзор над работењето на организираната манифестација ‘Зимзоленд’. Во надзорот учествуваа Градежна инспекција на Општина Аеродром, Државен пазарен инспекторат, Државен инспекторат за труд и Дирекција за заштита и спасување. Градежен инспектор на Општина Аеродром изврши увид и отпочна инспекциска постапка согласно со Законот за градење, Законот за инспекциски надзор и Законот за општа управна постапка за отстранување на поставената опрема,“ соопштуваат од Општина Аеродром.
Дополнителни неправилности откриле и другите инспекции. Од Државниот пазарен инспекторат велат дека вчера затекнале лица кои вршеле нерегистрирана дејност. Тие ќе бидат казнети, а организаторите се повикани да ја достават целата документација, вклучително и онаа што треба да покаже кој управувал со „Зимзоленд“ пишува Телма.
Проблеми имало и со хигиената. Агенцијата за храна и ветеринарство утврдила дека организаторот не е регистриран како оператор со храна и воопшто не ја известил Агенцијата дека ќе се врши продажба на храна. Поради неисполнети хигиенски услови изречени се казни на сите штандови.
„Поради неисполнување на основни хигиенски услови за поставување на штандови на кои ќе се произведува и ќе се врши промет со храна, АХВ изрече мерки на секој штанд – на физички и на правни лица, но и на правното лице организатор на манифестацијата ‘Зимзоленд’. Нему, покрај парична казна од 500 евра, му е изречена и мерка времена забрана за вршење дејност производство и промет со храна,“ соопшти АХВ.
Во меѓувреме, МВР интервенирало поради сообраќајниот метеж што го создавал дивиот луна-парк. На улицата „Тодор Чангов“ изречени се 12 казни за непрописно паркирање, а контролите ќе продолжат.
И додека луна-паркот со празнични светилки ги мамеше најмладите, институциите дури сега почнуваат да расчистуваат што две недели работело без никаква документација – од нерегуларна дејност и хигиенски пропусти, до небезбедни реквизити на кои секојдневно се возат деца. По бројните реакции од граѓаните, Телма иницираше проверка за тоа кој дозволил, поставил и управувал со овој „базар“ кој привлекува илјадници посетители без законски основ.

