Спасувачките тимови денеска со беспилотни летала трагаа по жртви од лизгање на земјиштето, во кое еден ден претходно животот го загубија осум лица, а десетина се водат како исчезнати, на многу фреквентниот пат што ја поврзува Богота со југоисточна Колумбија.
„Осум лица загинаа, меѓу кои седум возрасни и едно дете, шест се повредени, а 20 куќи се затрупани“, изјави за АФП, полковник Хорхе Дијаз, шеф на цивилната заштита.
„Не можеме да го одредиме бројот на исчезнати лица, засега станува збор за единаесет. Се обидуваме да ги идентификуваме луѓето кои живееле во 20-те уништени куќи“, додаде тој.
Нешто порано, во информативна програма, телевизијата објави за шест мртви, две деца и четворица возрасни и „две тела закопани под земја“. Пожарникарите, пак, пријавиле 20 исчезнати.
„Поради обилните врнежи од дожд во текот на попладневните часови и вчера вечерта, околу 23 часот и 15 минути порој од вода падна врз селото Нарањал“, изјави противпожарниот бригад Алваро Фарфан.
Свлечиштето се случи во близина на наплатна станица, на околу шеесет километри од главниот град Богота, во близина на општината Кетаме, во департманот Кундинамарци. Одронот предизвика и уривање на мостот.
Пожарникарите евакуирале околу четириесет лица, а шестмина се пренесени во блиските болници.