Здравствените организации ги предупредија патниците и локалните жители да се заштитат од потенцијално смртоносна болест која циркулира во Западна Австралија.
Енцефалитисот на долината Мареј (MVE), болест која се пренесува преку комарци, е пријавена за прв пат оваа година во регионот Кимберли во Западна Австралија, а WA Health упати повик до локалното население и посетителите да се заштитат од каснување од комарци кое може да предизвика тешко и потенцијално фатално заболување, болест која минатата година на тој реон усмрти дете.
Симптомите вклучуваат треска, поспаност, главоболка, вкочанет врат, гадење и вртоглавица, предупредуваат тие. Треската може да биде единствениот знак за рана инфекција кај децата и секој што ќе почувствува некој од горенаведените симптоми треба веднаш да побара лекарска помош.
Болеста ја пренесуваат комарците, а многумина се заразиле за време на риболов или кампување, предупреди научникот Ендру Жардин и повика на употреба на репеленти.
„Иако ризикот од инфекција и болест е низок, болеста предизвикана од вирусот може да биде тешка во некои случаи“, предупреди тој.
Предупредувањето доаѓа откако во регионот беа пријавени други болести што ги пренесуваат комарците, вклучително и зголемување на случаите на вирусот на реката Рос (RRV), додека минатата година беше забележан јапонскиот енцефалитис (JE), единствениот што може да се спречи со вакцина, за разлика од MVE- и RRV.