Се надеваме и очекуваме дека Судскиот совет ќе биде водилка, гарант на судската независност и самостојност, соопшти Управниот одбор на Здружението на судиите на РСМ по седницата за актуелната состојба во судството, со акцент на последните случувања во Судскиот совет. Наведуваат дека ги разгледале последните состојби во Судскиот совет и изразуваат надеж и очекување дека Советот ќе биде водилка на судската независност и самостојност преку обезбедување на потребните услови за функционирање на судскиот систем и имплементирање на правните гаранции предвидени во националната и меѓународна регулатива, притоа манифестирајќи релевантен капацитет, сопствен интегритет и потполна самостојност и независност, одбивајќи ги сите евентуални влијанија и притисоци во неговото функционирање и одлучување низ еден кохезивен пристап и почитување на законските процедури и практиките на доброто владеење како посебна и самостојна власт.
Управниот одбор на ЗСРСМ повикува на единство, дијалог и почитување на евентуалните разлики во самиот Судски совет и целокупниот судски систем не отфрлајќи ги плуралниот пристап и идејниот диверзитет во судската заедница, истовремено почитувајќи го различното мислење на другите власти и општата јавност и користејќи го тоа како мотив за удвојување на напорите за докажување на реалната независност и самостојност.
„Здружението на судиите ги поттикнува сите судски фактори да вложат дополнителни напори и низ една транспарентна постапка да ги убедат граѓаните на РСМ и општата јавност дека судскиот систем има капацитет самостојно да ги надмине сите предизвици и евентуални слабости, било да се тоа системски или од привремен карактер, притоа раководејќи се од насоките изразени во извештајот за напредок на РСМ за 2022 година и извештајот на Стејт департментот за 2022 година за функционирањето на правосудниот систем во Република Северна Македонија“, истакнуваат од Здружението.
„Управниот одбор на Здружението на судиите апелира на достојна имплементација на последната стратегија за реформа на правосудниот систем во делот на поставеноста на Судскиот совет (полупрофесионален состав) како стратешка определба која имаше цел зголемување на неговата ефикасност, непосредност, односно неоддалечување од судиите како носители на судската власт“, соопшти УО на Здружението на судите.