Утрински Весник
Македонија

Се наѕира распоредот на носители во ИЕ 1, на исто ливче Ковачевски, Мицкоски, Апасиев, Арсовска, Груби, Меџити…

Izbori.webp.webp

Градоначалничката на Град Скопје и претседателка на партијата Нова Алтернатива, Данела Арсовска утрово изјави дека на претстојните парламентарни избори таа ќе ја предводи листата за пратеници во првата изборна единица. 

Таму, веќе е потврдено дека носител на листата на СДСМ ќе биде претседателот на партијата Димитар Ковачевски, кој во неколку наврати самиот кажа дека ќе ја предводи листата.

Како носители во ИЕ 1 ќе настапат и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев, додека од ДУИ се очекува носител да биде Артан Груби, во случај Бујар Османи да биде претседателски кандидат на партијата од Мала Речица.

Постојат одредени информации што говорат дека своја пратеничка листа ќе извади и партијата ГРОМ па не е исклучено како носител на листа да се појави и градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.

Што се однесува до Европскиот сојуз на опозициските алабански партии, почесното место во ИЕ 1 треба да го заземе пратеникот и поранешен градоначалник на Чаир, Изет Меџити.

Во оваа изборна единица се уште не се знае со кој носител ќе настапи партијата на Максим Димитриевски, а не се знае ниту како ќе се постави партијата Алијанса за Албанците.

Изброната единица 1 која го опфаќа најголемиот дел од Град Скопје (како Центар, Карпош, Кисела Вода, Аеродром, дел од Чаир) отсекогаш важела за една од најважните изборни единици, па не е ни чудо што речиси сите партии ќе настапат со своите лидери како носители на листите.

Дополнително, оваа изборна единица секогаш важела како „плодна почва“ за независни листи и граѓански иницијативи, па оттаму за очекување е дека токму во „кецот“ можно е да има и најголема гужва од пратенички листи, а со самото тоа и најнеизвесна распределба на гласовите и пратеничките мандати.

Парламентарните избори се закажани за 8 мај, а тој ден ќе се одржи и вториот круг од претседателските избори.

Можете да прочитате

Студентите утре на протест: Бараат нови и ефикасни транспортни решенија

Суспензијата на Хајрулахи е законска, вели Коцевски

Спасовски: СДСМ бара зголемување на платите на полициските службеници и сите вработени во МВР