По недамнешните сообраќајни несреќи на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), презема активности за да се изработи дополнителна сообраќајна проектна документација на експресниот пат со што ќе се зголемат мерките и ќе се подобри безбедноста на учесниците на сообраќајот. Поради специфичноста на експресните патишта од ЈПДП посочуваат да се следат внимателно сообраќајните знаци и да не се пречекорува наведената брзина.
На прашање од МИА за коментар на реакции од граѓани околу сообраќајното решение за експресниот пат од ЈПДП изјавија дека сообраќајната сигнализација на патот е поставена согласно со Сообраќајниот проект кој што е изработен согласно со важечките прописи и стандарди и кој е одобрен од релевантните институции.
– Поради неодамнешните сообраќајни незгоди кои се случија на патната делница, Јавното претпријатие за државни патишта презема активности за да се изработи дополнителна сообраќајна проектна документација, со што ќе се зголемат мерките и ќе се подобри безбедноста на учесниците на сообраќајот, а која исто така ќе биде согласно со важечките стандарди. Очекуваме во најкраток временски период документацијата да биде одобрена од институциите и да ја инкорпорираме на патната делница, изјавија за МИА од ЈПДП.
Предупредуваат и посочуваат, како што стои во изјавата, на специфичноста на експресните патишта кои се брзи, но на кои сепак сообраќајот се одвива двонасочно и од тие причини потребно е да се следат внимателно сообраќајните знаци и да не се пречекорува наведената брзина, како и да се почитува сообраќајната хоризонтална и вертикална сигнализација.
Според информациите од СВР Куманово, досега во ОВР Крива Паланка се регистрирани две сообраќајни незгоди на експресниот пат што беше пуштен на 4. минатиот месец, од кои едната е со смртен исход, а другата со тешки телесни повреди. Официјално, од МВР потврдуваат дека причината за двете незгоди е неприлагодена брзина.
ОВР Крива Паланка во соработка со Отсекот за превенција при СВР Куманово и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот редовно реализираат кампањи за превенција и совесно и одговорно управување со возила.
На територијата на општина Крива Паланка и вчера имаше активности во рамки на кампањата за безбедност во сообраќајот, со делење флаери и укажување на возачите дека животот е во нивни раце.
Службеници на МВР делеа флаери со пораки за внимателно и безбедно возење од кампањата “Вози одговорно, животот е во твои раце”: “Ако пиеш,- не вози”, “Без мобилен додека возиш ” и “Не вози брзо”.
На 24 јануари на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка 80-годишен сопатник во возило што излета на патот го загуби животот, а несреќата се случи пред двата големи свиоци во близина на клучката на експресниот пат со обиколницата од магистралата А2, кај Крива Паланка. Во оваа незгода возилото управувано од Б.С. од Крива Паланка излетало од патот, при што, покрај починатиот сопатник, со повреди се здобиле возачот и сопатникот М.П. Истиот ден, додека на лице место службеници на МВР, Сектор за внатрешни работи Кuманово и ОВР Крива Паланка вршеле увид, на обележаната локација влетал друг автомобил, што најверојатно, според првичните сознанија од МВР, поради неприлагодена брзина удрил во паркирано возило и телесно повредил четворица полициски службеници кои го вршеле увидот. Во сообраќајната несреќа потешко повредена била и сопатничката во автомобилот што ја предизвикал незгодата. Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово ден по настаните, на 25 јануари 2025, изврши увид на лице место на експресниот пат и презеде дејствија за обезбедување докази и за испитување на причините за несреќата.
Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка беше пуштен во употреба на 4 јануари годинава. Делницата е во должина од 25,5 километри, со две сообраќајни ленти за возење од по три и пол метри и две ленти за запирање, во широчина од 2,5 метри. Патот има три клучки, 13 вијадукти и девет надвозници. Со изградбата на патот значително се скратува времето на патување кон Бугарија.