Утрински Весник
Македонија

Се формира нова опозициска платформа против власта

Whatsapp Image 2025 03 27 At 11.54.53.jpeg

Во јавноста се појавува нова иницијатива која, според најавите, треба да го обедини опозициското и критичкото мислење во земјава. Неофицијално наречена „македонски ДОС“, платформата има за цел да ја обедини, како што велат иницијаторите, прогресивната јавност и да понуди поинаков политички концепт пишува 24.мк.

Во изјава за ТВ 24, дел од иницијаторите – кои засега сакаат да останат анонимни – порачуваат дека нивниот фокус не е преземање на СДСМ, ниту пак дејствување во корист на ВМРО-ДПМНЕ, туку создавање на нов пристап што треба да ги „порази политикантите“.


Според нив, во иницијативата се вклучени поранешни функционери на СДСМ, екс-пратеници, поранешни градоначалници, но и актуелни избрани претставници, како и голем број професори, интелектуалци, аналитичари и претставници на невладиниот сектор.

Од платформата експлицитно се оградија од поранешниот пратеник Петре Шилегов, нагласувајќи дека тој не е дел од иницијативата бидејќи не ги споделува нејзините вредности.

„Целосно се оградуваме од неговите ставови и потенцираме дека не е дел од иницијативата, бидејќи не ги споделува клучните вредносни критериуми“, велат иницијаторите.

Тие додаваат дека дали оваа платформа ќе прерасне во политичка партија ќе зависи од поддршката и довербата од граѓаните. Како што нагласуваат, идејата е да се создаде движење без класична партиска структура – без лидер, без раководство и без борба за функции.

Иницијаторите сметаат дека во Македонија постои силна доминантна политичка сила, наспроти расцепкана опозиција, што создава простор за нов тип на политичко организирање.

„Граѓаните треба да раскрстат со импровизаторите во политиката. Нема борба против корупцијата, реформи во судството, квалитетно здравство и образование со површност“, велат тие.

Во однос на СДСМ, порачуваат дека не планираат да се занимаваат со внатрешните состојби во партијата, ниту да делуваат како фракција.

„Граѓаните се уморни од бесконечните дебати за состојбите во СДСМ. Го оставаме раководството да функционира како што смета, но не бегаме од сопствената одговорност за слабостите во минатото“, додаваат иницијаторите.

На обвинувањата дека работат во корист на ВМРО-ДПМНЕ, возвраќаат дека ваква иницијатива не би била потребна доколку опозицијата ја вршела својата улога.

„Ако раководството на СДСМ имаше капацитет и волја да ја обедини опозициската енергија, немаше да има потреба од ваква иницијатива“, велат тие.

Промоцијата на платформата се очекува во наредниот период, а иницијаторите најавуваат дека во неа ќе има место и за политички субјекти кои ќе се препознаат во нивниот концепт.

Можете да прочитате

Зијадин Села реагира на судска одлука со која раководењето со АА му е доделено на Арбен Таравари

Европски фронт предводен од ДУИ поднел Предлог-резолуција за Законот за употреба на јазиците во правосудниот испит

Вештакот Ристески за „Онкологија“: Кај 12 пациенти дадена терапија спротивно на индикациите