Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје денеска достави предлог за определување мерка притвор за Марјан Стаменковски, кој е сопственик на „Доказ М“, а како осомничено лице дека сторило кривично дело уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело, две кривични дела – ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем и кривично дело злоупотреба на лични податоци.
„Притворот е предложен бидејќи на товар на осомничениот му се ставаат повеќе кривични дела сторени од позиција сопственик на интернет-портал преку кој, искористувајќи познанства и релации со разни профили на лица, преземал противправни дејства во континуитет, што упатува дека ќе ги презема и во иднина доколку не му биде определена мерка притвор и биде оставен да се брани од слобода. Осомничениот се служел со сопствениот интернет-портал знаејќи дека е достапен на неограничен круг лица како средство за ефективен притисок врз жртвите, притоа предизвикувајќи лавина општествени последици со несогледлива штета во форма на религиска омраза и ксенофобични идеи. Дополнителна околност во таа насока е потребата да се заштитат жртвите, кои биле подложени на изразен говор на омраза и закани преку компјутерски систем и преку интернет-порталот на осомничениот“, посочува Обвинителството.
Тие додаваат дека постојат и околности што укажуваат на опасност од бегство на осомничениот поради што исто така јавниот обвинител сметаше дека е неопходна притворска мерка за обезбедување на неговото присуство.
„Со оглед на широкиот круг потенцијални жртви од активноста на веб-порталот на осомничениот во подолг временски период, Основното јавно обвинителство Скопје охрабрува и други евентуални оштетени од вакви кривични дела да ги пријават“, додадоа од Обвинителството..