
Одлуката на Владата на Северна Македонија да гласа „воздржано“ за резолуцијата на Европската Унија за Украина, како и за декларацијата на Соединетите Американски Држави, претставува дипломатски преседан и сериозен сигнал за недостиг на јасна насока во надворешната политика на земјата, смта СДСМ.
Партијата вели дека Северна Македонија била единствената земја од Европа, освен Унгарија, која не ја поддржа резолуцијата на ЕУ, и тоа во момент кога сите наши европски партнери го нагласуваат значењето на единството во осудата на руската агресија врз Украина. Дополнително, нашата Влада и премиерот Мицкоски одлучија да бидат ко-спонзори на декларацијата на САД, а потоа гласаа „воздржано“, што укажува на целосен аматеризам и недоследност во носењето на важни дипломатски одлуки.
СДСМ остро реагира на ваквиот несигурен курс на Владата, нагласувајќи дека со само еден потег, направена е двојна штета на односите со ЕУ и со САД. Соединетите Американски „Држави се наши стратешки партнери и тоа партнерство треба да се гради и зајакнува. Македонската дипломатија мора да биде доследна и координирана, особено кога станува збор за прашања од стратешко значење. Надворешната политика не смее да се води со избрзани одлуки и еднострани потези, без соодветна консултација со релевантните институции и меѓународните партнери“ – сметаат од СДСМ.
СДСМ останува на јасен и принципиелен став – Русија е агресор и изврши неоправдана инвазија врз Украина, и како дел од ЕУ, Северна Македонија мора да остане доследна во осудата на руската агресија и поддршката на Украина. Недоследноста во ставовите на Владата сериозно ја нарушува довербата во нашата меѓународна позиција и внесува несигурност во нашите дипломатски односи.